Глобалист
НАТО, што беше тоа?
Љупчо Поповски
Кога утре во Лисабон лидерите на НАТО ќе го почнат својот самит, тоа нема да биде вест на денот во Македонија. Всушност, одамна настаните поврзани со НАТО и нашето членство не се вести што ги продаваат весниците или ја зголемуваат гледаноста на телевизиите.
Човек треба да помине цела вечер пред телевизор, па можеби некаде да ја чуе веста дека дека во понеделникот четворица американски сенатори (тројца републиканци и еден демократ, меѓу нив многу влијателниот Ричард Лугар) му испратиле писмо на претседателот Барак Обама во кое му порачуваат да ги охрабри сојузниците во Алијансата да и' понудат на Македонија во Лисабон формална покана за членство. „Името не смее да биде поврзано со проширувањето на НАТО“, пишуваат сенаторите.
Го интересира ли воопшто некој што му напишале сенаторите на Обама или, пак, што изјави на генералниот секретар на НАТО, Андрес Фог Расмусен, во понеделникот за Македонија. „Проблемот со името се' уште не е решен и не очекувам земјата да биде поканета за членство во Алијансата“, рече Расмусен, посредно одговарајќи им на американските сенатори.
Две и пол години по оној херојски пораз во Букурешт, по искреното сочувствување на Џорџ Буш, по оние прегратки во Загреб, ние изгледаме подалеку од кога и да е од НАТО, иако сме само на чекор од него. Затоа и никој не зборува за него, како да ја снема Алијансата од нашата стратегија за иднината.
„На власта не и' одговара да се зборува за НАТО затоа што нема што да испорача“, вели Лазар Еленовски, поранешен министер за одбрана. „Нема договор за името, нема иницијатива од наша страна, загубен е стратегискиот концепт. Во Лисабон ќе оди висока делегација на Македонија, но не знам што ќе прави таму, освен што од некого само ќе биде потчукната по рамото“, се прашува Еленовски.
Што ќе слушнат членовите на нашата делегација, меѓу нив и претседателот Ѓорге Иванов, во Лисабон? Расмусен вели дека тоа ќе биде еден од историските самити. Изгледа и дека навистина ќе биде таков, само што ние нема да бидеме дел од таа историја. Војната во Авганистан, каде што и ние имаме свои трупи, нема изгледи да заврши, уште помалку со победа на сојузничките војски предводени од НАТО, но веќе се прават планови како да се вратат војниците дома. Кога в сабота Иванов и двајцата министри ќе бидат на собирот на контрибуторите на ИСАФ-мисијата, веројатно, од лидерите на НАТО ќе ја слушнат веста дека до крајот на 2014 година ќе се повлечат од Авганистан, дека ќе почне новата етапа на соработката на Алијансата со Русија и дека за три години ќе заврши нашиот најголем адут меѓу повластените сојузници. Ќе завршат оние церемонии на свечено испраќање на секоја нова мисија и убавите моменти кога се доделуваат ордени. Би било перверзно да очекуваме некој нов конфликт за да може нашиот единствен адут – војниците – да ги испратиме да ја завршат агендата што не можат да ја исполнат политичарите.
Дури 150.000 војници од 40 земји сега се ангажирани во Авганистан во војната што влезе во својата десетта година. Според стратегијата, која во Лисабон треба да ја усвојат лидерите на 28 членки на НАТО, треба да почне постепеното намалување на трупите што треба да заврши на крајот на 2014 година. Како ќе изгледа динамиката на тоа намалување на трупите, во која фаза од таа стратегија ние ќе треба да ги вратиме нашите војници дома, се' уште никој не знае. „Ние не можеме туку така да прекинеме и да избегаме“, изјави еден висок претставник на НАТО за Ројтерс. „Мора да бидеме сигурни дека она што ќе го оставиме има шанси на успех и структури што можат да преживеат“.
Ричард Холбрук, главниот човек на администрацијата на Обама во Авганистан и Пакистан, вели: „Ние имаме стратегија за транзиција, а не стратегија за излез“. Во таа стратегија Холандија ќе го прекине борбениот придонес до крајот на годинава, Канада планира да го направи тоа идната година, Франција и Германија ќе го намалат драстично бројот на војниците во 2011. Само Британија, најверниот американски сојузник, во својата борбена мисија ќе остане до крајот. Дали владата во Кабул, за која сите се едногласни дека е премногу коруптивна, нестабилна и неспособна сама да се одржи, ќе може да владее со етнички поделената земја, со слабо обучени воени сили и со растечко влијание на талибанците, е прашање на кое никој нема одговор.
На оваа сцена стапува нов играч – Русија. Таа веќе во пролетта оваа година им дозволи прелет на карго-авионите на ИСАФ преку нејзината територија и со совети треба да му помогне на НАТО да не ја направи истата грешка како Советскиот Сојуз, кој во 1989 година набрзина го напушти Авганистан, ја остави земјата во хаос и го отвори патот за талибанците. НАТО и Русија по овој самит треба да отворат нов почеток во односите, не само во Авганистан, туку и во спречувањето на ширењето на нуклеарното оружје, борбата против тероризмот и ракетната одбрана.
Знаеме ли ние што се случува на овој глобален план и се прават ли вистински анализи каде ќе биде местото на Македонија во овој нов развој на настаните. Како што никој веќе кај нас сериозно не зборува за НАТО, така се намалува значењето на Министерството за одбрана во владините структури. Буџетот на армијата драматично се намалува од година во година, министерот за одбрана Зоран Коњановски се обидува да ја убеди јавноста, а и самиот себе, дека во Армијата се прават реформи, но освен што отстапува касарни на општинските власти и дотерува некои згради за простанатиот број војници, ништо друго не се случува. Нема воени набавки, нема инвестиции во војската. Главна агенда станува како да им се обезбедат станови на војниците и како да се вработат уште луѓе со партиски книшки во Министерството за одбрана. А што друго да се прави кога не може да се испорача единственото решение – договор за името.
Во оваа халуцинантна живејачка ќе видиме што ќе се случува од понеделник. Јоргос Папандреу по локалните избори во Грција излезе посилен отколку што очекуваше, Никола Груевски очекува каков ќе биде планот на опозицијата во нивната најавена битка за предвремени избори. Името? Зарем некој воопшто мисли дека властите сериозно мислат да најдат решение. |