СТИЛ
Познат, а сепак неверојатен крај на рокенрол-генерацијата
Бизарната блискост во заминувањето од овој свет на Соња Савиќ и Дино Дворник ја предизвикува тажната помисла
Јасминка Павловска
„Марихуаната првпат ја пробав во својата 25. година од животот, како готов човек со завршен факултет, приближно во време на познатата Осма седница, во далечната 1988 година. Ми даде да ја пробам мојот постар брат, тогаш вработен на научниот институт ’Јожеф Штефан‘ во Љубљана. Марихуаната беше многу популарна меѓу младите научници, кои тврдеа дека им ја подобрува концентрацијата и им го проширува аголот на гледање на нештата. Со оглед на тоа дека сум непушач, во почетокот ’тревата‘ воопшто не ми годеше, меѓутоа, како што минуваше времето, а мојата кариера на рок-музичар стануваше се' посериозна, па ’ембрлајзот‘ ми беше секојдневно достапен и набргу се навикнав на оваа навидум лесна дрога.
Секако, ситуацијата на Балканот се комплицираше, општеството се милитализираше, па моето навлегување во ’дувањето‘ имаше историска подлога во хипи-движењето, што се случуваше неколку децении порано, во далечната Америка.
Под дејство на ’тревата‘ бев сведок на распадот на СФРЈ, војните, бомбардирањата, протестите, револуциите, повеќепартиските избори... Ми беше многу полесно така ’импрегниран‘ да го поднесувам сиот тој куп глупости и јавен неморал.
Денес во моето однесување доминира родителската одговорност, на децата треба да им се биде пример, па бегството во ’хај‘ од општата демагогија што ни се сервира деновиве е невозможно. Нема смисла да се срамам пред децата, па ќутам и трпам“.
Милан Младеновиќ
Горенаведениот ��итат е дел од колумнистичката рефлексија на „надуваните времиња“ на Рамбо Амадеус, рокер од екс ЈУ-генерацијата, која во време на распадот на Југославија беше во вистинското време за рокенрол и премлада за умирање. Таа генерација се' уште е премлада за смрт, но во изминатиов месец таа (смртта) доаѓа некако како одложен посттрауматски шок за „рокерите по дух“, кои во наркотизираниот облак одбиваа да се соочат со постјугословенскиот транзициски епилог. Смртта на српската актерка Соња Савиќ во Белград се случи две-три седмици по сличниот крај во Загреб на нејзиниот речиси генерациски „истомисленик“, музичарот Дино Дворник. Бизарната блискост на нивното заминување од овој свет, речиси идентичниот „полициски опис на смртта“, иако Соња и Дино веќе осумнаесет години живееја во различни држави, ја предизвикува тажната помисла - дали насетуваниот познат, а сепак „неверојатен“ крај на рокенрол-генерацијата и нејзиниот поглед на светот, веќе „стапи во сила“. Луѓето од земјата што крваво се распаѓаше во деведесеттите години на минатиот век, кои покрај траумите што ги доживеаја, сепак, некако потсвесно ја носеа идејата дека имаат нешто заедничко.
Оние што одбиваа да го прифатат турбофолкот како врзивна нишка, кој се роди и својот процут го доживеа токму во турбулентните времиња на распадот, се „фаќаа“ како давеници за сламка токму за духот и идејата што ја движеше таа екс ЈУ рокенрол-генерација, родена на крајот на педесеттите и шеесеттите години на 20 век. Меѓу другото, тие беа децата што израснаа во најблагодатниот период на постоењето на Југославија, кои можеа да си дозволат изградба на сопствена идеологија за слободен дух и илузијата дека тектонските општествени, политички и морални движења не ги допираат. За чудо, таквата нивна „идеологија“ се доживува како туѓа (па и неприфатлива) и за генерациите пред нив, но и за генерациите што дојдоа во времето на независните држави. Доказ - Дино Дворник и Соња Савиќ им звучеа познато само на луѓето од нивните генерации. Таквата слободоумна, индивидуалистичка, но и космополитска култура на рокерите воопшто не беше во согласност со изблиците на неопримитивизам како доминантна и ултимативна категорија во транзицијата.
Соња Савиќ
Дино и Соња се последните и би се рекло „рецидивни“ жртви на својот „грев“, што од примитивната реалност бегаа создавајќи си свој свет од наркоилузии. Уште во почетокот на деведесеттите, тапанарот на „Бијело дугме“, Ипе Ивандиќ, во наркомански делириум изврши самоубиство, фрлајќи се од соба во еден белградски хотел. Речиси целиот состав на култната „Екатерина Велика“ во различни временски периоди: Милан Младеновиќ (официјално - почина од рак на панкреас), Ивица Вдовиќ, Маргита Стефановиќ-Меги ја прекратија својата животна судбина со предозираност. Слична е приказната и за крајот на тапанарот на „Електрични оргазам“ - Горан Чавајда-Чавке...
Соња Савиќ беше блиска другарка и инспирација на својот рокерски круг. Дино Дворник - пријател, колега и соработник со Рамбо Амадеус, кој сепак го направи изборот да „ќути и трпи“... А се' на се', тоа беа талентирано докажани уметници, со „широк поглед на нештата“. Но, „широкиот поглед“ на нивната рок-уметност, и покрај заблудите и предрасудите (и нивни, и на останатиот свет), не беше производ на „ембрлајз-состојбата“. Таа само ја стесни и скуси нивната животна и уметничка приказна и се заканува со познат, но сепак неверојатен крај на рокенролот. |