Исчезнаа 28 килограми експлозив од магацин во Франција

Експлозивот „семтекс“ е омилен кај терористите, бидејќи е без мирис и тешко може да се открие
ПАРИЗ - Магацинот во Франција од кој исчезна големо количество на силен експлозив бил слабо обезбеден, изјави регионалниот шеф на безбедноста. Складирањето на 28 килограми „семтекс“ на локација во близина на Лион, „не била вообичаена практика и секако не била одобрена“, изјави Ксавиер де Фиерс за новинската агенција АФП. Во тек е операција на пребарување од страна на припадници на антитерористичка единица, а управителот на локацијата е суспендиран додека трае истрагата. Експлозивот „семтекс“ е омилен кај терористите бидејќи е без мирис и тешко може да се открие. Магацинот се наоѓа во тврдината од 19 век кај Корба, која повеќе не се употребува, а се користи од страна на припадниците на цивилната одбрана чијашто работа е уништување на бомби и муниција останата од двете светски војни.
Де Фуерс изјави дека местото во 2005 година било купено од страна на Министерството за внатрешни работи, и дека постоечките безбедносни мерки биле очајни. Тој наведе дека складирањето на експлозив не било дозволено додека не се заврши работата со замената на безбедносните камери и зајакнување на влезовите, планирано за 2009 година. Тој додаде дека ниту полицијата, ниту локалните власти не биле свесни дека таму бил складиран „семтекс“. Градоначалникот на Корба, Тиери Битан, за локалните медиуми изјави: „Многу сум изненаден и бесен дека било кога може да се складираат опасни производи, како и украдениот експлозив, без никаква заштита“.
Полицијата наведе дека се исчезнати и детонатори и дека „многу сериозно“ ја третираат оваа кражба. Полицијата соопшти дека откритието дека е исчезната одредена количина на „семтекс“ беше направено во петокот, но призна дека експлозивот би можел да биде однесен и пред една недела. Во соопштениет�� објавено во петокот доцна попладнето, Министерството за внатрешни работи посочува дека „пропусти во безбедноста“ овозможиле да се случи кражбата. „Семтекс“, за првпат произведен во Република Чешка, се користи во рударството и за минирање. Бомба направена од половина килограм од овој експлозив ја предизвикува експлозијата што го собори летот 103 на „Пан-Ам“ над Локерби во Шкотска во 1988 година, кога 270 лица ги загубија животите. (Би-Би-Си) |