Без ракавици
Дедо Мраз
Јосиф Ќурчиев
Врзете ги со синџир сите грижи и непријатности, олабавете се и оставете ги децата да веруваат во Дедо Мраз, тој е благородна измислица
„Празници се ближат“, пеат насмеани ликови во една реклама на позната светска марка. (Впрочем, насмеани и весели има само уште во рекламите.) Значи, доаѓаат новогодишните и божикните празници, време е за подготовки за нивниот пречек. Ќе рече некој можеби, се' уште е рано, ама не е. Навреме треба да се предупреди што не' очекува.
И се сетив на еден виц, а оди вака: Намуртено, очајно зимско попладне, светлината скоро исчезната - ни таму ни ваму. На мостот преку една река застанал човек. Намерата му е очигледна. Ќе се фрла "во матните и студени води". За среќа, минува тука еден Дедо Мраз - ги има во изобилство во тие денови - та му приоѓа на очајникот и го прашува: „Што е, бе, батка“? Овој вели: „Како што е? Ме напушти жената, ме отпуштија од работа, денар немам во џебот. Што ќе ми е живот?“ „Ами - вели Дедо Мраз - зошто сум јас овде? Се' ќе се среди. Еве вака. Ќе се вратиш дома и жена ти од утре ќе те сака само тебе и никого друг. Ќе се вратиш на работа и не само што ќе се вратиш туку ќе станеш шеф. Ќе пополниш лото и ќе ја добиеш главната премија. Ајде, тргни се од оградата“.
Се двоумел малку очајникот, ама послушал и почнал да му се заблагодарува на Дедо Мраз за сета добрина што му ја направил. „Чекај, вели овој, и јас имам една желба“. „Кажи, бе, Дедо Мраз“, вели спасениот. „Е, па, вели, едно пушење!“ „Што ти е, бе, тебе“, се стаписал. „Не доаѓа предвид!“ „Добро, бре, каков човек си ти? Да не бев јас, ти веќе ќе беше студен труп што плови по рекава. Никој од оваа врвулица луѓе и автомобили не те забележа, само јас. Ти ја вратив жената, те вратив на работа, ќе добиеш на лото и сега ми се пазариш како сељак за бразда. Бре каков неблагодарник!“ Видел не видел, спасениот се нафатил за работа, тука на мостот. (Мостот не бил во Скопје, та да ги апси полиција.) Откако се' било готово, Дедо Мраз, додека се закопчувал, прашува: „Колку години имаш, ако не е тајна“? „45“, одговара овој. „И ТИ УШТЕ ВЕРУВАШ ВО ДЕДО МРАЗ!?“
Кога доаѓаше 2008 година, со колегите во македонската редакција на Дојче веле правевме прогнози што не' очекува и си посакувавме желби што би му ги упатиле на Дедо Мраз. Јас сметав дека оваа година, поради тоа што е високосна и олимписка, ќе биде убава, спокојна, весела. И побарав од Дедо Мраз така и да биде. Каква утка! Се покажа грозна: Тибет, земјотреси, поплави, Грузија и, конечно, катастрофални финансиски и економски резултати што ќе ги чувствуваме уште некоја година ако, не дај Боже, не се случи нешто уште полошо. Меѓутоа, јас имам право на желби, а и ако промашам, од тоа нема да произлезат глобални последици. Сам ќе си го носам товарот на утката. Затоа, пак, решив малку да прочепкам низ архивите и да видам што ветувале едни други дедомразовци во своите новогодишни и божикни пораки за 2008, вообичаено сочни и полни со успеси и надежи.
И гледај сега:
Американскиот претседател на заминување Џорџ Буш јуниор на крајот од 2007 на своите сограѓани им порача дека американската економија останува динамична и во 2008 и доволно силна за да се соочи со предизвиците. Таа има силни темели, а неговата администрација ќе продолжи да го охрабрува економскиот растеж за „Американците да имаат повеќе пари за инвестирање во своите бизниси, да ги трошат за семејствата и да штедат за иднината!“ Боже, Боже, едни големи пари! Големи, ами како. Засега 700 милијарди долари, а според новите пресметки, и тие пари ќе бидат малку да се запре вртоглавото паѓање, армии луѓе останаа без работа, фирмите најавуваат нови отпуштања, автомобилската индустрија е на колена. На новиот месија, кој од 20 јануари ќе го преземе кормилото, ќе му биде потребно волшебно стапче да ги оствари ветувањата од предизборната кампања. Има среќа што се' уште не мора да упатува новогодишни и божикни пораки за 2009, барем не како официјален претседател.
Дедо Мраз од Елисејската палата, кого во Франција го викаат Никола Саркози, во новогодишната порака за 2008 ги повика сонародниците да вложат напори во она што тој го нарече „нова ренесанса“. „Со новата година почнува нова фаза“, па вели дека срж на неговата политика остануваат правдата, човековите права, различностите, моралниот финансиски капитализам и човековата околина. Искрено, моментно не можам да се сетам колку милијарди евра инјектира Париз во крпењето на финансиските дупки што ги предизвика „моралниот капитализам".
Едно друго човече, што мене ми е посебно симпатично, полскиот претседател Лех Качињски, а можеби беше и неговиот брат-близнак Јарослав (никогаш не можеш да бидеш сигурен, но тие се вистина единствените што можат буквално да ја спроведат формулата 24/7 - едниот работи, другиот спиј, и така во смени), се пофали со „стабилен економски растеж и консолидација“...
Ми се чини упатно да се спомне и дел од пораката на украинскиот претседател Виктор Јушченко: „Го извлековме украинскиот брод од бурата и сега е време за мирна и координирана работа“. Тоа да ти било само кусо затишје!
Единствената што остана трезвена и цврсто на нозе беше германската канцеларка Ангела Меркел. Во новогодишното обраќање до своите сограѓани таа предупреди на економските ризици за земјата, иако 2007 беше позитивна година за Германија. Што не е првпат, зашто Меркел и порано изјави дека „Германија е случај за санација“ и тоа токму во еуфоријата пред Светското фудбалско првенство во 2006 во земјата. Навистина, никогаш веќе не ја повтори таа оцена, но скандалите во политичката и бизнис-елитата и' дадоа право. Засега цената за непочитувањето на предупредувањата достигна 500 милијарди евра. Државата официјално прогласи рецесија.
Балканските дедомразовци во оваа пригода нема да ги цитирам. Вам ви се добро познати нивните перверзии.
Сега што? „Празници се ближат“, пеат во една реклама и јас би ви препорачал да се подготвите - колку што ви носи џебот. Моја намера не е да ви го расипам расположението. Напротив. Врзете ги со синџир сите грижи и непријатности и, барем во тие денови за Нова Година и Божик, олабавете се колку што можете, оставете ги децата да веруваат во Дедо Мраз, тој е благородна измислица. Но, внимание пред оние другите, не ги спомнувам џабе. За да не излезе според популарната: „И пуши, пуши, пушиме! (По)Пуши цела нација, со гаранција!“ Или веќе е така?
(Авторот е новинар) |