Број 3431  сабота, 13 ноември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил








Site Meter
Едиторијал

ЕДИТОРИЈАЛ

Реформи преку грбот на пациентите

Јасмина Јовановска

Здравството се' повеќе тоне кон бездна, а болните страдаат. Долги листи на чекање за прегледи и операции и до шест месеци, нема лекови за сите пациенти, автомобилите за брза помош се преполуваат, умираат пациенти по ходници, умираат бебиња и родилки... Ова е само дел од секојдневната слика на македонското здравство. Но, маките на болните како никој да не ги гледа. Место да се решаваат проблемите, Министерството за здравство само промовира некакви нови документи и активности, а во практиката нема конкретни чекори.

Речиси три години министерот Османи само најавува некакви нови терапии и реформи, промовира стратегии и разно-разни хартии и документи, ветува подобро здравство, а болните немаат никаква корист од нив. Се презентираа еден куп проекти, а од нив нема ни „п“ во практика. Се промовира здравствената картичка, отворање 17 рурални амбуланти, но од нив засега нема ништо.

Некои од реформите на Министерството за здравство пропаднаа. Двојното менаџирање по болниците, камерите по клиниките, кои, рака на срце, сегашниот министер Бујар Османи ги наследи од претходниот, не дадоа никаков позитивен инпут, туку резултираа само со нови штети за здравството.

Три години се изнаслушавме како се прави се' за подобро здравство, а од доброто нема ни трага ни глас. Дури и она со што најмногу се испофали Владата, медицинската опрема, не стаса како што треба. Се испорачаа неколку апарати колку да се рече дека тендерот се реализира. Само ни се сервираат некакви популистички чекори завиткани во обланда, но никако да ја пробаме обландата. Министерот ќе рече, па не може преку ноќ да се смени нешто што со години се уривало. Место да се преземаат погрешни чекори, од кои здравството само уште повеќе тоне, треба добро да се обмисли секоја промена. Затоа што грешките во здравството чинат животи.

Најново со што не' почести министерот се новите пакети за лекување. Тие ќе удрат по џебот на пациентите зашто ќе им донесат или поголема партиципација или поголем придонес. Министерот не треба да ја потценува јавноста. Тој вели граѓаните ќе избираат пакет за лекување според парите. Па, пакетите не се чоколада, па ќе избираме дали ќе земеме чоколада со лешници или со бадеми. Кога болните немаат ни за шеќерна табла.

Зарем пациентите треба да го плаќаат цехот на непродуктивните реформи на Владата. Имало дефицит во здравството од околу 50 милиони евра. Па, зарем болните се виновни за џабе фрлените пари за воведување двојно менаџирање, поставување камери по клиники, водичи за пациентите, вработувањето советници по клиниките... И тоа не беше доволно, сега ќе носат уште и едукатори по клиниките. Владата така одлучила, не е битно што клиниките велат дека дека стручно и финансиски поевтино е наши лекари да одат на едукација во референтни центри. Сето тоа чини, и некаде ќе исплива како недостиг.

Ништо подобро не е ни во Фондот за здравствено осигурување. Но, за разлика од Министерството, кое зборува и ништо не прави, Фондот оди со резови, кои повторно паѓаат на грбот на пациентите. Се намали здравствениот придонес, се намалија цените на лекови на товар на државата, па болните плаќаат високи доплати, се намали капитацијата на матичните лекари. Фондот го стега ременот на секој можен начин. Најновата мерка е трезорско работење на болниците. Ќе се контролираат сите пари што влегуваат и излегуваат од болниците. За нормално да работат, ќе мора да направат добри финансиски планови. Во спротивно, може да останат без пари за давање здравствена заштита. Фондот оди на јуриш, не го интересира дали граѓаните и давачите на услуги се подготвени за таквите мерки, бидејќи мора да се штеди. А во здравството нема штедење, или болните се лекуваат или ќе умираат. Како што Министерството за здравство е одговорно за политиката во здравството, така и Фондот мора да одговара за своите избрзани чекори, па дури и да плати за скусеното право на здравствена услуга.


#
Статијата е прочитана 1291 пати.

Испрати коментар

Од: Трпе
Датум: 13.11.2010 16:08:04
Во нашава напатена државичка не се работи за некои обични човекови права.Кај нас се одлучува како во мафијата,кој има право да живее а кој слободно треба да си умре.Само што и погребалните трошоци се високи,напатениот народ се плаши и слободно да си умре.За лекувањето се празни муабети.
Од: XML
Датум: 14.11.2010 08:35:58
За неполн мандат се менува концептот во здравството. Од концепт на големо промовиран со права на пациентите за избор за лекување и развој на конкуренцијата во здравството, се оди на ограничувања на правата на пациентитте со строго определени места за лекување,со гушење на конкуренцијата во здравството.

Најди! во Утрински
Едиторијал






Parvanov's new project upsets former Socialist colleagues
Mounting pressure to end Macedonian negotiations with Greece
No control mechanism for Croatia after EU entry