Награда и малер за претседателот на Врховен суд
Јово Вангеловски, Владо Туфегџиќ и Антоанета Димовска се избрани за најдобри судии-портпароли за 2010 година
Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, како и портпаролите на двата скопски суда, Владо Туфегџиќ од Основен суд –Скопје 1 и Антоанета Димовска од Скопје -2, рамноправно ја делат годинашната награда на УСАИД за најдобар судија задолжен за односи со јавноста. Посебна плакета и' беше доделена и на претседателката на битолска Апелација, Даница Ристовска. Наградата се доделува прв пат, а има цел да ја стимулира и поттикнува транспарентноста во судовите.Изборот го направи комисија составена од претставници на медиумите и на судството,а според критериумите,кој од предложената листа судии најдобро комуницира со јавноста, стручно се надоградува, организира настани поврзани со промоција на судството.
Директорот на Мисијата на УСАИД во Македонија, Мајкл Фриц, на доделувањето на наградите истакна дека транспарентноста и отвореноста на судовите се клучни за градење на поголема доверба на граѓаните во судството. Бидејќи, како што рече, граѓаните плаќаат даноци со кои се одржува судскиот систем и имаат право да ја знаат и да ја следат работата на судовите и нивниот учинок.
При качувањето на говорницата, каде што требаше да се заблагодари на наградата, на претседателот на Врховниот суд му се случи малер сличен како на државниот секретар на САД, Хилари Клинтон. Но, за разлика од американските медиуми, кои успеаја да го снимат недостоинственото паѓање на една од најмоќните политички фигури во нивната земја при влегувањето во авион, македонските медиуми ја пропуштија шансата. Сопнувањето на Вангеловски од скалите што водеа кон говорницата, неколкуте телевизиски екипи и фоторепортери не успеаја да го овековечат во кадар. Првиот човек на Врховен откако се испружи колку што е долг и широк на подот на салата, брзо стана и се созеде со помош на организаторите.
Без успех остана и интересот на медиумите да добијат изјава од истражниот судија Туфегиќ, кој ја води истрагата околу осомничените од „Перо Наков“ во случајот „Пајажина“. Прво, претседателката на скопска „единица“,Лидија Неделковска, одби да го коментира последното соопштение од нивниот суд, во кое беше наведено дека одбраната на притворените им се заканува и врши притисок врз судиите.Таа нагласи дека наскоро ќе се одржи прес-конференција на која ќе бидат изнесени многу детали поврзани со работата на овој суд. Истото го стори и надградениот Туфегџиќ, кој рече дека вчерашниот ден не бил предвиден за таква намена. (Г.Д.) |