Ребаланс во јуни, почнаа анализите за прекројување
Пресметките ќе бидат доставени до Владата за две седмици, но засега не се открива за колку власта ќе си ги скрати трошоците
Александрија Стевковска
Министерството за финансии ги почнало подготовките за релабанс на буџетот. Пресметките ќе бидат доставени до Владата за две седмици, односно на почетокот на јуни. Засега не се открива за колку власта ќе ги скрати своите трошоци. Оваа најава првиот човек на Министерството за финансии Зоран Ставрески ја даде една седмица по завршување на неуспешното роуд-шоу, на кое тој низ Европа ловеше купувачи за новата еврообврзница.
„Во текот на оваа година планираме да ја завршиме емисијата на еврообврзницата. Исто така, планираме и ребаланс на буџетот со приспособување на расходната и на приходната страна, со цел да остане здрава фискалната позиција и да се придонесе за задржување на макроекономската стабилност. Како и претходните години кога имаше ребаланс, ние ќе ја приспособиме буџетската потрошувачка, ќе направиме заштеди, таму каде што е потребно, за да останеме во рамките на предвидениот буџетски дефицит и планираната економска политика“, објави министерот за финансии, кој укажа дека веќе се почнати подготовките за буџетското прекројување.
„Во првата половина на јуни ќе можеме да излеземе со ребаланс пред Владата“, дообјасни Ставрески. Според него, допрва ќе се одлучува за колку ќе се скратат државните трошоци.
„Допрва ќе видиме за колку ќе го скратиме буџетот. Ќе се направат поопсежни и детаљни анализи, што ќе покажат каде има простор да се направат заштеди“, посочи Ставрески.
Тој упорно одбива да признае дека буџетот има проблем со полнењето, потенцирајќи дека добрата кондиција на буџетот ја докажуваат навремените исплати на плати и на пензии. „Исплатата на платите е во законски предвидениот рок. Ние им ги исплативме платите на сите буџетски корисници до законски предвидениот рок, на 15 во месецот. Така беше и претходниот месец, така ќе биде и во иднина. Има доволно средства за исплата и на плати и на пензии, како и на другите социјални надоместоци“, вели Ставрески.
Што се однесува до издавањето на еврообврзницата, тој вели дека тоа може да се случи во секој момент. „Тоа може да биде следната седмица, следниот месец, односно во кој било момент кога ќе добиеме совет од инвестициските банки дека условите се добри и кога ние ќе го потврдиме тоа, ќе ја издадеме еврообврзницата. Меѓутоа, државата има доволно други средства за финансирање на своите расходи. Ние имаме буџетска поддршка од СБ, имаме добиено средства и од ММФ, така што имаме доволно средства за реализација на нашите планови“, објасни Ставрески.
За државните записи тој вели дека се вообичаен начин за буџетско задолжување во секоја пазарна економија, што посредно значи дека власта нема намера да се откаже од овој начин на задолжување. „Проверете дали има земја во Европа во која нема државни записи. Значајно е дека ние во првите четири месеци на нето-основа практично вративме средства во економијата, а не повлековме со државните записи“, објасни Ставрески.
Ова се само дел од економските проблеми во земјава што се предизвик со кои треба да се справува Владата, а кои беа предмет на дискусија на вчерашната трибина на Економскиот факултет, „Предизвиците на македонската економија“. За македонскиот министер за финансии, еден од начините за борба на Владата со економските проблеми и кризата е високото ниво на буџетска потрошувачка, манифестирана преку буџетскиот дефицит. „Буџетот привремено има проектиран буџетски дефицит од 2,5 отсто од БДП, кој веќе во 2011 година би требало да се сведе под 2 отсто, како не би се довела во прашање задолженоста на земјава“, истакна Ставрески. Тој вчера првпат јавно призна дека кризата во Грција може да ги оддалечи инвеститорите од земјава. „Најголемата опасност од грчката криза демне преку трговскиот канал и доколку таму ситуацијата ескалира, секако, тоа лошо ќе се одрази и врз македонската економија. Банкарскиот сектор останува стабилен, но предизвик е да се задржи вниманието на инвеститорите за Македонија. Состојбите во Грција не се поволни и тоа го прави целиот регион нестабилен“, смета Ставрески.
Странците не ја пропуштија можноста уште еднаш да го критикуваат односот на Владата кон инвеститорите. „Инвеститорите константно се соочуваат со проблемот на обезбедување дозволи за градба, од причина што институциите не се доволно координирани да ги издаваат. Тоа за инвеститорите значи губење време, пари и интерес за да дознаат чија сопственост е и кога ќе се направи инфраструктура на земјиштето за кое се заинтересирани. На крај многумина се откажуваат“, истакна Мајкл Фриц, директор на УСАИД во Македонија. |