Тачи до Красниќи: Зошто браните кодоши!?
Остро обраќање на лидерот на ДПА до в.д. претседателот на Косово, Јакуп Красниќи
Светлана Унковска
Претседателот на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи, му испрати отворено писмо на претседателот на Собранието и вршител на должноста претседател на Косово, Јакуп Красниќи. Во него тој жестоко реагира поради тоа што во досието „Ибар“ е спомнатo дека бил кодошен, а, сепак, изјавил „нема никаква можност Али Ахмети да ме шпионирал, тоа е ноторна лага и оваа работа можат да ја направат само луѓе што немаат, не само национални, туку и човечки чувства“, изјави Красниќи.
Тачи вчера во писмото наведе дека тој е разочаран од ваквата негова изјава и оти таа претставува арогантно непочитување на моралните и на професионалните обврски по откривањето одреден број досиеја на безбедносните служби на поранешна Југославија. Како што натаму додава, се откриваат предавничката соработка на одреден број политички претставници на Албанците во Македонија.
„Вие, господине Красниќи (ви се обраќам со господине поради почитта кон косовските институции), во народот познат како неблагодарен човек, следено од корумпираниот министер Фатмир Лимај, од арпаџикот Нахит Хасани, како и од русофилот Емруш Џемаили без каква било дилема го поддржавте вашиот компањон Али Ахмети, притоа осудувајќи ме мене поради вознемирување на спокојството што не сте го заслужиле.
Вие се однесувате како Господ, бидејќи без каква било анализа претендирате дека знаете каква е содржината на досиејата. Такво право можат да си припишат на себе само оние што соработувале со такви институции, па знаеле што е вистина, а што е лага“, се наведува во писмото на Тачи упатено до Красниќи.
Лидерот на ДПА натаму го обвинува претседателот на Косово дека на овој начин ја негира вистинитоста на досиејата и оти притоа без аргументи го обвинува.
„Тоа докажува дека сте во морална криза, бидејќи многу лесно, од позиција на бранител, заземате обвинувачки став кон другите. Во цел свет се откриваат такви афери, па дури и во држави како што се САД, Русија, Велика Британија. Но, за разлика од Вас, тие се однесуваат со голема сериозност без оглед за кого станува збор. Во вакви држави дури се прават истраги и за претседателот на државата“, стои во подолгото писмо на Тачи. Во него лидерот на ДПА, не наведувајќи од каде ги добил досиејата, признава дека сторил се' за нивно откривање.
„Од каде Ви е тоа право да имате толкаво големо разбирање за едно предавство што постепено се открива и ми го оспорувате моето демократско право и национална должност да ги демаскирам оние што го заслужија тоа?! Јас не Ве обвинив Вас, но Вие без каков било повод ме обвинувате мене, бранејќи нешто друго што нема врска со досиејата. Од каде Вие знаете дека јас сум виновникот за оваа откритие?! Вашиот автоматски став дека некој е во право, а другиот не, ја открива Вашата намера да ги скриете доказите. Тоа открива една тенденција што нема намера да го брани Али Ахмети, туку Вашиот образ“, се наведува во писмото на Тачи.
На крајот од писмото претседателот на ДПА вели дека си дозволува да го советува Красниќи да ги анализира фактите и да не ја крие вистината. (Св.У.) |