Голем шумски пожар во близина на Охрид
Охрид - На 15 километри од Охрид, во близина на сообраќајницата за Битола, кај месноста Прентов Мост, вчера напладне избил пожар. Во пожарот е зафатена површина од околу 2,5 километри шума. Според непотврдени информации, огнот, најверојатно, бил подметнат. Од Дирекцијата за заштита и спасување потврдија дека огнената стихија се раширила на потегот меѓу охридските села Опеница и Куратица.
На местото на пожарот веднаш пристигнале возила и екипи на охридската Противпожарна единица, службите при Подрачната единица на Дирекцијата за заштита и спасување и на Шумското претпријатие „Галичица“. Поради непристапност на теренот, по барање на градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, ангажирани се и два авиона за гаснење пожар од Дирекцијата во Скопје. (В.М.) |