Бизнисот бара ефикасни и брзи судски постапки
Законите за извршување, за парнична постапка, за вештачење и за медијација, што се' уште не се влезени во владина процедура, се од посебен интерес за бизнис-заедницата. На таа тема вчера разговараа
претставниците од бизнис-секторот и од Министерството за правда.
Според министерот за правда Михајло Маневски, со донесувањето на овие закони ќе се стави крај на долгите и на сложени судски постапки, што не им одат во прилог ниту на граѓаните ниту на бизнис-секторот.
„Бизнис-заедницата бара сигурност, доверба и ефикасност во правниот систем. Тоа се целите што сакаме да ги постигнеме со овие предлог-закони“, рече Маневски.
За стопанствениците, правниот систем е важна рамка што ја одредува бизнис- климата во државата. Тие бараат во законот за медијација да се издвојат стопанските постапки и тие да не траат подолго од 45 дена.
„Тоа е нашето барање, бидејќи судските лавиринти не' изморија. Можеби има постапки што треба да одат подолго, но должничко-доверителните односи треба да се издвојат на страна“, рече Златко Калеников, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија.
Тој смета дека стечајните постапки треба да се скратат на околу 60-тина денови и оти доколку инвестицијата е стратегиска, не може да трае постапката во недоглед. Во тој случај, според Калеников, Владата треба да повика стручен тим од стопанственици, кој би ја рестартирале компанијата со финансиска помош од државата, по што таа би се продала.
Стопанственикот Зоре Темелковски смета дека со промената во законската регулатива поради брза и ефикасна пресуда ќе се овозможи заживување на бизнисот и реален однос на бизнис-заедницата кон правниот субјект. Според Темелковски, треба да се конфискува имотот или да се изврши промена на акционерскиот капитал, доколку бизнисменот не ги исполнил обврските од договорот за приватизација на одредена компанија во стечај. (МИА) |