Боби Серафимовски
Подготвен сум за петте минути светска слава
Во САД, во „Мјузик он Мекавенју“ од Лос Анџелес се лиценцирани над 70 мои музички дела и тие им се нудат на познати филмаџии и музички супервизори во Холивуд и низ Америка. Две композиции веќе се примени да бидат музичка подлога на иден филмски проект од американска продукција
Јасминка Павловска
Во почетокот од својата музичка кариера Боби Серафимовски претендираше на стилот и прекарот Бајага од Куманово, но со текот на времето се сврти кон корените. Така, во почетокот од веков го издаде албумот со етноинструментални нумери, а потоа почне да експериментира со џезот... Сега неговите амбиции се насочени кон американскиот сон. Неговите композиции веќе се лиценцирани и на американскиот музички пазар. Две од нив наскоро ќе може и да се најдат како музичка подлога во еден американски филм. Боби Серафимовски вели дека во оваа ситуаци��а „петте минути светска слава“ нема да го најдат неподготвен.
Долго време си дел од македонската музичка сцена, минуваше низ различни музички жанрови - поп, етно, фолк, блуз-инструментали... До кој степен на музичка еволуција стигна?
- Годините навистина бргу минуваат. Од моето прво издание, мојот прв албум минаа речиси 20 години. Во далечната 1991 година се појави моето дебитантско ЦД под наслов „Ивона“ за Македонската радио-телевизија. Оттогаш па досега имам уште две изданија „Најдоброто од Боби Серафимовски“ и инструменталниот албум „Кон корените“, кој се појави 2001 година, исто така, во издание на Продукцијата на МРТВ .
Ги минав сите фази на музичко еволуирање, зад себе имам големо искуство како музичар, автор и композитор. Покрај тоа што создавав музика за себе, паралелно компонирав и за други пејачи и соработував со многу познати имиња од светот на шоу-бизнисот и естрадата. Благодарение на музичкото образование и познавањето на повеќе инструменти, како мултиинструменталист истражував во инструменталната и во филмската музика.
Значи, преобразбата е очигледна. Се надевам дека со новите музички проекти кои не останаа незабележани од страна на светските музички супервизори, допрва ќе дојдат моите пет минути на светската музичка сцена.
Се чини дека се' повеќе се насочуваш кон музичкото авторството, отколку кон изведувачката кариера... Што те мотивира за таква ориентација?
- Да, навистина е така. Авторството, односно талентот за создавање дела е божја дарба - ја имаш или ја немаш. За моја среќа, јас го имам талентот за создавање и за компонирање. Креативноста е дел од моето битие, божја дарба која секогаш бара надградба, многу работа и користење инспиративни моменти за создавање.
Многу музичари кои се одлични инструменталисти и прекрасни репродуктивци, за жал, ја немаат дарбата за создавање музички дела.
Што се однесува до изведувачката кариера, мора да кажам дека сум подготвен да имам настапи во живо и моите композиции да бидат промовирани на сцена, со бендот што ќе ме придружува.
Доколку наскоро се појави моето следно ЦД со инструментална и смут џез- музика секако дека ќе го промовирам со настапи во живо во Македонија и низ светот.
Неодамна беше во САД, со најава за соработка со студија за филмска музика. Каква е, всушност, твојата американска приказна?
- Да, летово еден месец престојував во САД, но тоа беше работна посета. А договорот, кој беше потпишан уште пред да заминам за Америка, е склучен со познатата менаџерска и издавачка куќа о�� Лос Анџелес, „Мекавенју рекордс“, односно нивниот бренд за музика за филм „Мјузик он Мекавенју“.
Мора да напомнам дека компанијата со која имам договор ги застапува најпознатите имиња од светот на џез и блуз-музиката во Америка, а меѓу нив е и синот на Клинт Иствуд, Кајл Иствуд. Оваа куќа ги застапува и Стенли Џордан, Каунт бејзи оркестра, Ричард Елиот, Рик Браун и многу други познати имиња.
На мое задоволство, во САД, односно во Лос Анџелес и „Мјузик он Мекавенју“ се лиценцирани повеќе од 70 мои музички дела, а тие веќе им се нудат на познати филмаџии и музички супервизори во Холивуд и низ Америка.
Остварив средба со соработниците и со менаџмент-тимот од Америка и имам убави вести. Ме уверуваат дека постои голем интерес за моите дела и оти веќе две композиции се примени да бидат музичка подлога на филмски проект од американска продукција. Станува збор за игран филм, а активностите ќе се одвиваат во текот на февруари-март идната година, а тогаш ќе се финализираат сите договори.
Дали интензивирањето на работата во САД значи дека заминуваш од Куманово?
- Искрено размислував и за опцијата со семејството да заминам од Македонија. Меѓутоа, престојот во Америка, далечината од нашата татковина, кај секој емотивен човек (а себеси се сметам за таков) остава посебни чувства на носталгија, на припадност на еден народ, на една држава, која се вика Македонија.
Чувството за самодокажување, промовирање на нашето национално битие, традиција и култура победи во мене. Тоа значи дека останувам на релација Македонија - САД, со сите обврски и ангажмани кои ќе ги имам на професионален план. Засега останувам дома ... Но, животните патишта се чудесни и никогаш не се знае каде ќе те одведат... Да оставиме времето да покаже што ќе се случува на тој план. |