Технологија
„Дис-печ“ - Rocket Number 9!
Годинашното издание ќе го претстави специјалниот проект на Борис Хопек, како и изведувачи на чело со Атом ТМ, Зомби Зомби, Талибам! и најистакнатите автори на австралискиот лејбл Room40 - Тим Хекер, Бен Фрост и Лоренс Инглиш
Никола Бурагев
Водечкиот српски „cutting-edge music and related art“ настан, деветтиот фестивал „Дис-печ“ (Dis-patch) се одржува во текот на два продолжени викенда во периодот од 7 до 17 октомври на шест различни локации во Белград и околината. Годинашното издание под слоганот „Rocket Number 9! ќе го претстави специјалниот проект на Борис Хопек, како и многубројни изведувачи на чело со Атом ТМ (Сењор Коконат), Зомби Зомби, Талибам! и најистакнатите автори од австралиската амбиент-етикета Room40 и уште многу други.
По тапанарот Мартин Брандлмаер и визуелниот уметник Лилеван, третиот „artist in residence“ на фестивалот е уште еден визуелен уметник, Борис Хопек од Барс��лона, чија работа, главно, е посветена на едноставни, препознатливи ликови, кои се презентирани низ монументалните скулптури од картони, слики, колажи, објекти или акции. Станува збор за еден од најинтригантните и енигматични европски улични уметници на денешницата, кој ќе ја реализира својата поставка во музејот „25 Мај“. Хопек ќе гради голем картонски објект што ќе се занимава со поимот на црквата и нејзините значења и незначења во рамките на западната култура, како и неколку работилници со децата и со студентите на уметничките факултети.
Првиот дел на музичката програма ветува широк спектар на пристапи – од историска авангарда преку нојз-рок, денс-музика или сурова електроника, се' до мелодичен построк, механички оркестар или апстрактен амбиент. Фестивалот ќе почне со специјалната светска премиера на „Коларац“. Во прашање е композицијата „Мантра“ на легендарниот германски композитор Карлхајнц Штокхаузен, во изведба на белградското Piano Duo LP. Во прашање е една од најтешките композиции на овој автор, која ретко се изведува, напишана во 1970 година за две пијана и модулатор. Веќе е договорено првото гостување на овој проект на 25. Музичко биенале во Загреб, во април, 2011 година.
Очекуваната електронска компонента на програмата ќе ја предводи германскиот артист Уве Шмит алијас Атом ТМ, кој слави 20 години од музичката кариера. Неговиот импресивен аудиовизуелен настап ќе биде дел од програмската размена меѓу „Диспеч“ и фестивалот „Елевате“во Грац, кој само две недели подоцна ќе биде домаќин на европскиот дел на ViceVersa турнејата. Со сличен micro-sound ќе се настапи и претставникот на германскиот лејбл „Растер-Нотон“, Карл Михаел фон Хаусволф, додека за рок-изразот ќе бидат задолжени француското краут-грув дуо Зомби Зомби, кое еден ден претходно ќе настапи и на „Десонанз“ во Скопје и њујорчаните Талибам (Talibam)!
На фестивалот нема да му недостасуваат ни дигитални мурали и акции на отворено, уште повеќе домашни автори, фотоизложби, специјалното издание на парти-серијалот „Јардстајл“ (Yardstyle) и можеби централниот настан годинава, вечерта на австралискиот амбиент лејбл Room40, кој ја слави 10-годишнината и кој во Белград ќе ги доведе своите најистакнати автори, мајсторите на апстрактниот, атмосферичен саунд Тим Хекер, Бен Фрост и Лоренс Инглиш.
На мотото на годинашниот фестивал - Rocket Number 9, организаторите ќе се осврнат последниот ден, 17 октомври, во приватната галерија Internation Test Site, која се наоѓа на брдото над Дунав во Ритопек, 25 километри од центарот на Белград. Лансирањето на ракетата број 9 ќе помине со целодневна програма на музика, инсталации, готвење, тетовирање и одредени чудни активности, кои ќе соберат и голем број од фестивалските гости, со организиран автобуски превоз за публиката до локацијата.
Dell Streak
Интернет-цртичка од „Дел“
Уредот со екран од пет инчи би можело да се доживее и како најголем достапен смартфон, но кога ќе се согледа што се нуди, јасно е дека станува збор за најмалиот таблет на пазарот
Ако го доживувате Dell Streak како голем смартфон, тогаш тој со својот петинчен екран ќе ви се чини голем, но ако планирате да го користите како таблет, тоа ќе претставува мала куќна и патна Интернет-конзола, која нема да зазема премногу простор. Производителот со изборот на името за овој уред (streak може да се преведе како цртичка), очигледно, сакал да ги нагласи неговите минијатурни димензии (особено дебелината од само 10 милиметри) во однос на конкурентските производи, па јасно е дека како конкуренција ги гледа токму таблет-компјутерите.
Погледот на спецификаците на овој мобилен уред остава солиден впечаток кога станува збор за хардверските компоненти (одличен Snapdragon процесор на такт од 1 Ghz, 512 МВ RAM, раскошни 16 гигабајти интерна меморија, плус влез за micro SD картички и капацитативен екран од пет инчи со соодветна резолуција за оваа дијагонала 800х480 пиксели), но наизглед е разочарувачки изборот на платформата – прастариот Android OS 1.6.
Сепак, кога ќе се вклучи уредот, впечатокот е доста подобар. Streak има многу остар приказ на сликата на екранот, со реалистични и живо интерпретирани бои, а одѕивот на допири на дисплејот е прецизен и брз. Истото вреди и за движењата карактеристични за мултитач, што се' заедно е добра причина да се заборави на старата верзија на оперативниот систем. Покрај тоа, „Дел“ ја надгради платформата со сопствен кориснички интерфејс, кој на прегледен начин ги разместува апликации по ��изгачките прозорци на почетниот екран, што го прави користењето на уредот поинтуитивно и позгодно.
Недостаток или предност, за кого како, претставува отсуството на флеш-поддршка во Интернет-прегледникот, иако сите страници се вчитуваат прилично брзо и исправно. Сепак, главна мана кај Streak е тоа што користи нетипичен полнач во време кога и најтврдокорните производители преоѓаат на microUSB, како и тоа што УСБ-конекција со компјутерот никако не е можно да се оствари. Ова се сериозни забелешки и многумина токму поради тоа ќе се оладат од овој доста солиден минитаблет. За утеха, треба да се спомене дека уредот доаѓа со одличен GPS приемник и дека може да се користи и за гласовни телефонски повици. Со него може да се телефонира на класичен начин држејќи го до увото, но тоа ќе изгледа прилично необично со оглед на неговата големина. Тој проблем лесно го решава hands free додатокот, без разлика дали е безжична слушалка или систем на стереослушалки, кои се испорачуваат со уредот. Квалитетот на испорачаниот hands free комплет е изненадувачки добар.
Streak добро се снаоѓа и при репродукција на WMV, MPEG4, 3GP и H.264 видеоформатите. Се забележува дека малку подобро функционира со WMV отколку со MP4 фајловите, па е најпрактично да се користи тој кодек при подготовката на видеозаписите за Streak. Репродукцијата од видеата од сервисот „Јутјуб“ е беспрекорна. Streak може одлично да послужи и како уред за изработка на фото и на видеоматеријали. Вградената камера од пет мегапиксели дава солидни резултати кога се снимаат доволно осветлени кадри. Обработката на фотографиите и видеата им дава доста боја и видливо ја изострува сликата, но тоа не претставува недостаток кај ваков уред кому тоа му е само секундарна или дури и попатна функција.
Кој ќе го прифати Streak првенствено како таблет-компјутер што може да послужи како мобилен телефон, ќе биде задоволен со него. Неговите димензии нема да им бидат практични на корисниците што немаат потреба за неговите напредни функции, и поради тоа, ова не е уред што се купува поради реклама или модно изразување, туку поради потреба. Веруваме дека Streak ќе стане уште подобар во иднина кога „Дел“ ќе одлучи да го опреми со поновите верзии на оперативниот систем „Андроид“. (Н.Б.) |