Крвав ден на македонските патишта
Четворица загинати во Велешко и во Скопско
Горан Адамовски
Трагична сообраќајна несреќа, во која смртно настрадаа две лица, а две се повредени, се случи вчераутро во скопското село Петровец. Автомобил „југо“ удри во автобус ��а Јавното сообраќајно претпријатие, при што загинаа возачот и еден од двајцата сопатници во „југото“. Третиот патник се здоби со тешки повреди, а на лекување во скопските болници заврши и возачот на автобусот. Меѓу патниците во автобусот нема повредени. Причините за несреќата дополнително ќе се утврдува, но како што велат очевидци, возачот на „југото“ преминал на спротивната страна од коловозот и удрил во автобусот што се движел отспротива.
Несреќата се случила околу 6,15 часот на главната улица, односно на патот што води до Велес. Според полициските информации, во судирот учествувале „југо“ со штипска регистрација, управувано од Тони Спасовски (36) од скопско Горно Коњари и автобус на ЈСП „Скопје“, управуван од М.С. (54) од Скопје. Возачот на „југото“, како и сопатникот Александар Настасовиќ (19) од Скопје, загинале на самото место. Совозачот Г.Ц. (21) од Горно Коњаре се здобил со тешки повреди и е префрлен во Ургентниот центар. Со телесни повреди се здобил возачот на автобусот, кој е однесен во Клиничката болница.
„Се подготвувавме за новиот ден кога слушнавме силен удар“, зборуваат домаќините во куќата во чија близина се случи несреќата. Како што велат, судирот бил силен.
„Никогаш не сме виделе нешто толку страшно“, продолжуваат жителите на Петровец. Според нивните кажувања, „југото“ се движело од Скопје во правец на ’Ржаничино, додека автобусот „53“, тргнал од Катланово и возел накај градот.
„Уште оддалеку се гледаше дека колата не држи своја страна на движење. Возачот на автобусот го забележа тоа, се обиде колку што е можно повеќе да се приближи до десната страна од коловозот, дури и подзакочи, ама ‘југото‘ удри директно во него“, раскажуваат шокираните селани.
Смачканиот автомобил, кој уште долго стоеше крај патот во близина на училиштето каде што се случи несреќата, зборуваше повеќе од се' за трагичниот случај. Од темносиното „југо“ остана само конструкцијата, а ниту дождот не успеваше да ги измие трагите од крвта на асфалтот.
Телата на починатите се предадени за обдукција. Дали алкохолот бил причина за несреќата или, пак, станува збор за нешто друго - ќе утврдува полициската истрага. |