Понижени од Германците, ограбени од судиите
Остри критики во англиската јавност за фудбалерите, селекторот Капело и ФИФА
Од нашиот дописник Томислав Ивановски
ЛОНДОН - Испратени во Јужна Африка на ова Светско првенство со големи надежи и уште поголеми амбиции, што е последица на долгото очекување да се повтори 1966 година и светската фудбалска титула да се врати одново во татковината на фудбалот, англиските репрезентативци се враќаат дома убедливо поразени и понижени во мечот со драстично подмладената селекција на Германија и ограбени од уругвајските судии. Овде ги очекуваат разочарани лица, бидејќи ова е прв пат по 1998 Англија да ни биде ниту меѓу осумте најдобри, а не во полуфиналето, или дури на тронот, како што тоа го очекуваа најзапалените навивачи.
Предвременото враќање на англиските фудбалери е проследено и со големото незадоволство од играта и настапите на фудбалерите на сите претходни мечеви, пред хаваријата во дуелот со германските момчиња кои ги надиграа, наттрчаа и надмудрија Англичаните, меѓу кои добар дел се ѕвезди на домашната Премиерлига и на европскиот и светскиот фудбал. На претходниот шампионат во Германија, кога во еден контроверзен меч со Португалија, Англичаните беа спречени да влезат во полуфиналето, како виновници беа прикажувани Дејвид Бекам и тогашниот селектор Свен Јеран Ериксон, а сега стрелите полни со отров се испукуваат на Вејн Руни, на играчите од целата одбрана, но и на селекторот Фабио Капело. Тој беше пречекан како спасител и тренерска ѕвезда од највисок ранг, која ќе ја препороди англиската репрезентација и ќе и го врати некогашниот сјај, а сега се соочува со понижувачките оценки дека не направил ништо за парите што ги добива, па излегува дека тој е дури полош и со полоши постигнувања и од Швеѓанецот Ериксон, како и од неговиот наследник Стив Мекларен, кој од фудбалската јавност беше оквалификуван како досега најлошиот селектор на Англија.
Судбината на Капело виси во воздухот уште по завршувањето на мечот со Германците, без разлика што италијанскиот стручњак категорично изјави дека „апсолутно не помислувам на оставка“, оставајќи ја можноста работите да се разјаснат по враќањето во Лондон и неговите разговори со босовите на Англиската фудбалска федерација (ФА).
„Нема оставка до враќањето во Англија“, им изјави Капело на британските новинари во Јужна Африка, но лондонските таблоиди веќе сега ја бараат „неговата глава“. Весникот „Дејли мирор“ тврди дека причината за тоа е анексот на договорот што италијанскиот тренер го има потпишано пред тргнувањето на репрезентацијата за Јужна Африка. Според дополнувањето на договорот, тој не завршува по крајот на Светското првенство, како што тоа беше првично усогласено, туку по завршувањето на европскиот шампионат во фудбал во 2012 година во Полска и Украина. Капело се договорил со ФА до тогаш да има годишна плата од по шест милиони фунти (околу 7,2 милиони евра), па сега доколку тој поднесе оставка нема ништо од парите. Но ако Капело биде сменет, а договорот биде раскинат, Италијанецот и без да одработи еден ден со репрезентацијата во квалификационите мечеви за еврофудбалот, ќе добие дури 12 милиони фунти.
Некои англиски фудбалски коментатори сметаат дека Капело е премногу горд човек и стручњак со големо реноме за да остане на кормилото на Англичаните „за инает“ и во атмосфера кога никој не го сака, кога медиумите ќе го чекаат на секоја грешка за да го напаѓаат и кога (како што се смета) ги има расипано односите со дел од играчите, а посебно со поранешниот капитен Џон Тери. Тој уште по мечот со Алжир го критикуваше Капело за погрешно водење на репрезентацијата за што потоа се извинуваше, но по неговата лоша игра против Германците и грешките што доведоа да бидат примени четири голови, малкумина веруваат дека токму тој е оној што може да почне кампања за уривање на Капело како селектор. Некои лондонски таблоиди (поради спогодбата со ФА во последен момент) го нарекуваат „италијански мафијашки кум“ кого го интересираат само парите. Другите се повнимателни и избегнуваат дисквалификации од тој тип, но како и да е, судбината на Капело останува неизвесна и се предвидува дека работите ќе се разјаснат во следните 48 часови.
Без разлика на тоа што ќе се случува на кормилото на репрезентацијата, каде седи човекот кој до пред три недели беше величан до небото како иноватор на новиот репрезентативен дух (што би рекол поранешниот репрезентативец Џеф Харст сличен на оној од времето кога Англија стана светски првак во далечната 1966 година), останува болниот факт дека поразот од германската репрезентација е најтешкиот досега на светските првенства. Згора на тоа доживеан е во игра која не им служи на чест на Англичаните и на нивната Премиерлига, убедливо најсилната во светот.
Сите овде се согласуваат дека станува збор за понижувачки пораз не толку поради примените четири голови, колку поради тоа што тие беа примени по катастрофалните грешки и пропушти на целата потесна одбрана, со која Германците се поигруваа користејќи ги големите празнини што играчите ги оставаа на својата половина од теренот, како да играат во земја и во клубови од многу пониско фудбалско рамниште, од Англија.
Во првата изјава Капело рече дека „чистиот гол“ што уругвајскиот судија му го поништи на Франк Лампарад, можеби е клучниот момент на мечот, за да Англичаните направат пресврт, особено што тие имаа уште шанси и една пречка.
Лондонски „Тајмс“ ја искористи можноста остро да го нападне првиот човек на ФИФА Сеп Блатер и неговото „инаетчиско противење“ да се користи најновата технологија во спортот, што ќе помогнеше да се исправи грешката на судиите и да им се признае голот на Англичаните. Неразбирливо е 40.000 луѓе (на големите екрани) да го видат голот, што секако го виде и Блатер кој беше во свечената ложа, да го видат сите 22 играчи на теренот, а да не го видат само судијата и неговиот помошник, забележува весникот, барајќи од ФИФА конечно да попушти и да дозволи камери на гол линиите, како што е тоа „хоук ај“ техниката што се применува на тениските турнири. Германскиот тенисер Борис Бекер, поранешен победник на Вимблдон, изјави во Лондон каде престојува на годинешниов тениски турнир дека навивал, секако, за Германците но дека е поништен регуларен гол на Англичаните. Многу германски навивачи и известувачи за Би-Би-Си се согласуваат дека е направена грешка што „германските играчи ја искористија“.
Сите англиски коментатори се гневни на судиите поради она што го направија, меѓутоа, општа е оценката дека Англичаните беа надиграни, надмудрени и заслужено поразени од сепак подобриот тим. На Англија и беше украден чист гол, но не и резултатот, констатира угледниот лондонски „Тајмс“. Се тврди дека ова беше најлошиот меч што оваа селекција го има одиграно откако Капело е селектор, па сите се прашуваат што е причината за тоа. Како можеше да се случи сите овие ѕвезди да не играат ни приближно како што тоа го прават во своите клубови. За едни причината е преморот и долгата сезона во Англија, со двете куп натпреварувања и долгата лигашка сезона. Главните играчи ги завршија своите клупски обврски на три недели пред стартот на Светското првенство. Поради силниот ритам на играње, дел од нив беа повредени во текот на сезоната, па затоа Руни, Џерар, Дефо, Џо Кол, Ешли Кол, па и Лампард не можеа да се препознаат. На минатото светско првенство Руни заврши како виновник за инцидентот со Роналдо и беше исклучен, сега е посочуван како еден од главните виновници за хаваријата во Јужна Африка. Други, пак, сметаат дека странските тренери не може да го воспоставаат потребниот дух да се биде горд што се игра за националната селекција, како што тоа го прикажуваат Аргентинците со емотивните прегратки при славењето на секој гол и секоја победа. Тешко дека тоа може да се спроведе во Англија, зашто Англичаните не се такви, но јавноста им забележува на играчите што играат со „цело срце“ само за интересите на клубовите, а не и за репрезентацијата, објаснувајќи го тоа со огромни плати и хонорари, што ги добиваат, кои кај најдобрите играчи се движат меѓу 100 и 135 илјади фунти неделно. |