„Нека остане меѓу нас“ е најгледан филм во Хрватска
Овој филм на Рајко Грлиќ предизвика многу негативни реакции во матичната земја, поради голотијата, како и поради темата за двојниот живот на брачните двојки
Сунчица Уневска
Филмот на Рајко Грлиќ „Нека остане меѓу нас“ предизвика многу реакции и поделени критики во Хрватска. Интересно е дека овој филм, во кој има многу еротика, надвор помина подобро отколку во Хрватска. Во неговата матична земја некако се појавија многу душегрижници, на кои им пречеше голотијата во филмот, а особено темата која се осврнува на современото живеење односно на двојниот и тројниот живот на многу брачни двојки.
„Мислам дека она што, всушност, им пречеше е разоткривањето кое се случува во филмот, бидејќи вака сите се прават дека тоа не постои. Грлиќ ги соочува со овие нешта кои збо��уваат дека луѓето денес навидум имаат се', а всушност не знаат што да прават со тоа, односно им недостига визија и идеја“, рече актерката Ксенија Маринковиќ, која игра една од главните улоги.
Филмот отиде на повеќе од 25 фестивали и освои триесеттина награди, меѓу кои и „Кристален глобус“ за најдобра режија во Карлови Вари, а последните награди ги доби во Њујорк, каде беше прогласен за најдобар филм, а Мики Манојловиќ за најдобар актер.
Продуцентот Игор Нола додаде дека големи критики за филмот во Хрватска имало и од Католичката црква, особено поради прикажувањето на двојниот живот на неговите протагонисти. Но, колку што имало негативни коментари, толку, како што рече продуцентот Нола, имало и позитивни критики, во кои се истакнува смелоста да се проговори за овие состојби во општеството, што за жал се случуваат се' повеќе. Инаку, сценаристи во овој филм се Рајко Грлиќ и Анте Томиќ, кои заедно работеа и на „Караула“, а сега го подготвуваат и новиот проект „Поскокова драга“.
На прашањето до Ксенија Маринковиќ за нејзината улога, за која се зборуваше многу, како и за смелоста да се разголи и покрај тоа што е во средни години и што нема некоја совршена линија, таа рече дека навистина се борела многу со Грлиќ за во филмот да не мора да се соблече гола. Но, како што рече, акцентот на нејзиниот лик е, пред се', на тоа што таа се обидува по секоја цена да остане млада, што логично барало и да има еротски сцени. „Факт е дека во овие земји не се снима многу, а особено нема многу улоги за актерките од средна генерација, па затоа многу е важно кога ќе добиете улога и се трудите да ги употребите сите сили за да бидете што подобри“, додаде Маринковиќ.
А за тоа какви реакции очекуваат во Македонија, Нола рече дека публиката овде го препознава ракописот на Грлиќ. Доста добар прием имале и во Приштина, додека во Словенија и во Србија немале многу гледачи. Игор Нола има доста работено и во Македонија, последен филм на кој беше копродуцент е „Превртено“ на Игор Иванов. Тој рече дека моментно највисоките буџети во Хрватска се движат меѓу 1,3 и 1,5 милиони евра. „Нека остане меѓу нас“ е копродукција со Србија и Словенија, а доби и поддршка од „Еуроимаж“. Но, како што рече, состојбата е лоша и се очекува дека буџетите во иднина ќе бидат уште помали. Исто е и со гледаноста, која е се' повеќе во опаѓање. Ако порано еден филм имал најмногу 100 илјади гледачи, денес „Нека остане меѓу нас“ со 40 илјади гледачи е најгледаниот филм моментно во Хрватска.
Денеска на „Синедејс“ ќе се прикаже бугарскиот филм „Мисија Лондон“, во кој Македонија е копродуцент. И од овој филм се очекува доаѓањето на повеќе гости на неговата македонска премиера. |