Експлозивно средство на покрив на ТВ Коха
ТЕТОВО - Неексплодирано експлозивно средство завчера било пронајдено на покривот на трговскиот центар што се наоѓа во строгиот центар на Тетово. Според информации од СВР - Тетово, станува збор за експлозивно средство „М-81“ од југословенско потекло. Неексплодираниот предмет бил пронајден покрај отвор за вентилација. Полицијата работи на расветлување на случајот. Меваип Абдиу, сопственик на локалната ТВ Коха, која е сместена во трговскиот центар, ни појасни дека еден дел од запаливиот фитиљ бил подзапален, но не и до барутното полнење за да експлодира.
„Беше пронајден кај отворот за вентилација над студиото за снимање. Во досегашното наше работење не сме имале никакви закани ниту забелешки на наши прилози. Немало негодувања и на другата програма. Оттука и нашето изненадување околу експлозивната направа“, рече Абдиу. (Г.Е.) |