За седум години од трета лига до шампиони
Фудбалерите на Ренова од тетовското село Џепчиште хит на годинашнава сезона
Миодраг Мицковиќ
Шампиони од село, како што во шега ги нарекуваат фудбалерите на Ренова, што годинава докажаа дека се моментно најдобриот фудбалски клуб во Македонија. Со освоената титула обезбедија место во историјата на македонскиот фудбал покрај веќе многу попознати од нив: Вардар, Победа, Работнички, Македонија, Слога Југомагнат и Силекс. За само седум години, се пробија во врвот на нашиот фудбал, ги освоија сите симпатии, двапати се појавија и на меѓународната сцена, годинава ќе биде тоа и третпат, што се вели трета среќа, и тоа во квалификациите за Лигата на шампионите.
Зар некој можеше да поверува дека тетовското село Џепчиште, кога пред седум години беше формирана Ренова, по фузијата со Шкумбини од Тетово, ќе биде едно од најпознатите фудбалски села во Македонија. Чекор по чекор, од сезона до сезона Ренова го пробиваше патот кон фудбалскиот врв. Предводена од браќата Шефки и Кенан Идризи, кои не жалеа ниту труд, време, ниту големи финансиски средства ја пишуваше својата куса, но богата историја.
На фудбалската сцена Ренова се појави под ова име во сезоната 2003/04 кога мошне лесно го освои првото место во Третата лига-север обезбедувајќи „мајсторика“ за влез во Втората лига во мечот со Вардар од Неготино. Речиси целото село беше присутно на тој натпревар што се одигра во Маџари. По една невидена драма, по 120 минути игра и изведувањето на пенали, победи Ренова и стана член на Втората лига. Јунак на тој меч беше Лирим Саити, кој постигна два гола, последниот, решавачки од пенал. Три дена Џепчиште славеше, заборавија и на работата на своите богати полиња.
Само една сезона 2004/05 Ренова ја мина во Втората лига освојувајќи го второто место кое обезбеди заедно со првакот Влазерими од Кичево пласман во прволигашкото друштво. И повторно Џепчиште ги славеше своите миленици и тренерите Неџат Шабани и Исмаил Сулејмани.
Оттогаш минаа пет успешни години, пет прволигашки сезони во кои Ренова веќе го обезбеди своето место во македонскиот фудбал со постигнатите успеси.
Во сезоните 2005/06 и 2006/07 се пласира на седмото место во мошне силна конкуренција. Веќе наредната година беше петта и за првп��т „селскиот“ тим се најде и на меѓународната сцена во Интер тото купот бидејќи Вардар не доби лиценца за настап иако беше пласиран пред Ренова. Не се посрамотија играчите на Ренова, сега веќе предводени од најуспешниот тренер за овие седум години во клубот Влатко Костов. Во првото коло ја елиминираа далеку попознатата екипа од нив, хрватскиот прволигаш Риека со 0:0 и 2:0. Тоа беше сензација, многумина се прашуваа, кој е тој клуб од Македонија за кого речиси и не слушнале. Во второто коло на двапати загубија од Бнеи Сахнин од Израел со 1:2 и 0:1 иако прикажаа добра игра.
Минатата година Ренова повторно обезбеди настап во Европа, но не со „вајлд карта“, туку со својот пласман, третото место во Првата лига и играше во квалификациите на новоформираната Евро лига. Немаше среќа со ждрепката, „налета“ на еден од најпознатите европски клубови Динамо од Минск. Во Скопје играше нерешено 1:1, во Минск загуби со 2:1 иако долго водеше со 1:0.
На ред е сега трета среќа, овојпат како шампиони на Македонија. Пред нив се отвора патот за Лигата на шампионите, сон на секој клуб, за Ренова и да не говориме.
„Свесни сме каква обврска не очекува, сите погледи се сега насочени кон нас како шампиони на Македонија“, беа зборовите на Влатко Костов, тренер чија кариера е поврзана само со успеси. Ретко кој може да се пофали дека четири клуба внел во Првата лига: Осогово, Брегалница (Ш), Куманово и Влазерими, а круна на таа тренерска кариера е шампионската титула со Ренова.
„Ренова има добар тим, квалитетни играчи кои знаат да играат и нема така лесно да се предадеме без оглед со кого ќе играме на стартот од квалификациите. Сега сме навистина во Европа кога ќе се погледне списокот на клубовите кои ќе играат во квалификациите. Ова ќе биде најтежок испит на Ренова во нејзината историја, подготвени сме за подвиг, нема да разочараме со својата игра“, оптимистички најавува Костов.
Човек да не поверува како може еден клуб за така кусо време да стане првак на Македонија. Ренова нема свој стадион, нема ниту свое игралиште во селото каде може да тренира. Нејзините играчи тренираат на игралиштето на Југохром, кој е веќе одамна расформиран, во Јегуновце, првенствените натпревари ги играат на Градскиот стадион во Тетово, меѓународните, во европските купови на Арената Филип Втори во Скопје. Но, тоа не им пречи да победуваат и да редат успеси.
Немаат ни толку многу навивачи како Шкендија и Тетово, но и тие, колку и да се малку, приврзани се кон својата Ренова, патуваат со неа кога игра в гости, секогаш се на трибините во Тетово без оглед дали пече сонце или врне дожд.
Ретко во кој клуб во Македонија владее толку големо другарство како во Ренова, чиниш, како да се едно семејство, иако во неа играа и Срби, Македонци, Албанци, играчи од Косово. Тоа единство, таа сплотеност практично ја донесе титулата.
Сигурно дека покрај играчите и тренерот, најзаслужни за подемот на Ренова се нејзините сопственици, браќата Шефки и Кенан Идризи. Вистински вљубеници во фудбалот, за нив велат дека се татко и мајка на играчите.
„Не знам за кого повеќе да се грижам, дали за 1.000 вработени во нашата фирма или за фудбалерите“, ни раскажуваше Кенан Идризи, инаку потпретседател на Фудбалската федерација на Македонија. „Иако имам многу обврски на работа, секогаш наоѓам време да се најдам со играчите, да бидам со нив, тие ме релаксираат, иако често ме прават тажен, но и среќен. Ги сакам како моите деца. Најсреќен сум кога ќе видам како се радуваат жителите на Џепчиште, особено помладите за кои фудбалерите на Ренова сега по освоената титула, се вистински спортски херои“.
И играчите на Ренова не можат да се пожалат на браќата Идризи, на луѓето што работат во клубот, на тренерите. Сите финансиски обврски им се исплатени на време, според клубскиот правилник за освоената титула ќе поделат 100.000 евра, според процентот на одиграни натпревари. Сумата може да биде и поголема доколку го минат првото квалификациско коло од Лигата на шампионите. Да не говориме евентуално и за второто.
На крај, некако во сенка со играчите и браќата Идризи се и претседателот на клубот Јониз Ристеми, спортскиот директор Лирим Саити, секретарот Џевдет Рустеми, кои се сигурно дел од сите овие успеси.
На тренерот Влатко Костов му помагаат Фарук Јонуз, Бујар Ислами и Самет Зејнели.
А, ова се хероите на Ренова и селото Џепчиште кои го постигнаа најголемиот успех: Љубо Ковачевиќ, Владимир Деспотовски, Арменд Елези, Игорче Стојанов, Бајрам Мемеди, Бурим Садики, Благоја Тодоровски, Фесник Гаши, Агрон ��емеди, Фестим Адеми, Гоце Толевски, Минас Османи, Вулнет Емини, Методија Степановски, Александар Ангеловски, Фарук Статовци, Бобан Јанчевски, Илберт Алиу, Дарко Игњатовски, Арјан Велиу, Бесим Адили, Марјан Мицков, Фисник Нихиу, Исмаил Исмаили, Арџент Гафури.
Пролетва го немаше Бесарт Ибраими, репрезентативец на Македонија кој замина во странство, но кој сигурно има голем удел во сите последни успеси на Ренова. |