12.03.2013, 14:21 Иран планира тужба за филмот „Арго“

Иранските официјални лица, уште во февруари, откако „Арго“ доби „Оскар“ за најдобар филм, рекле дека се работи за антииранска и про-ЦИА пропаганда
Иранските медиуми пренесуваат дека официјалните лица од земјата имаат намера да го тужат Холивуд поради филмот „Арго“, награден со „Оскар“, зашто според нив, филмот претставува „нереален портрет“ на Иран.
Неколку медиуми во Иран ја пренеле веста дека во земјата дошла француската адвокатка Изабел Кутан-Пјер, по повод разговорот околу тоа како и каде да ја поднесат тужбата. Кутан-Пјер била адвокат на озлогласениот терорист од Венецуала, Рамирез Санчез, познат и како Карлос Шакалот.
Одлуката за поднесување тужба е донесена откако официјалните лица од културата и филмските критичари во Иран го погледнале филмот на затворена проекција во Техеран, во понеделникот доцна вечерта.
Иранските официјални лица, уште во февруари, откако „Арго“ доби „Оскар“ за најдобар филм, рекле дека се работи за антииранска и про-ЦИА пропаганда.
Филмот на Бен Афлек се занимава со бегството на шестмина американски заложници од американска амбасада под опсада во Техеран, во 1979 година. |