12.03.2013, 23:06 (ВИДЕО+ФОТО) Магија на Барса за историски кам-бек

Каталонците на крилјата на Меси го демолираа Милан во реваншот на „Камп Ноу“ со 4:0 и станаа прв тим кој успеал да се врати по негатива од 2:0 во ЛШ
Барселона е првиот тим кој успеал да се врати по негатива од 2:0 во првиот меч во Лигата на шампионите, откако во вечерашната ноќ за паметење на „Ноу Камп“ го порази Милан со 4:0. Седумкратниот европски првак имаше одлична предност, надополнета со веќе познатата италијанска дефанзива, но целата концепција на „росонерите“ ја урна најдобриот светски фудбалер Лионел Меси, кој во првиот дел со два гола комплетно ги врати Каталонците во двомечот.

Аргентинецот погоди уште во 5. минута со силен удар од работ на шеснаесетникот, со што се искачи на втората позиција на листата на стрелци во Лигата на шампионите со 57 гола, еден повеќе од Ван Нистелрој. Опсадата пред голот на гостите траеше постојано, а Кристијан Абијати со тешки маки успеа да ги одбрани ударите на Иниеста и Чави. Единствената и најсериозна шанса Милан ја имаше во 38 минута кога по еден контранапад Нијанг се најде очи во очи со Валдез, но ја погоди стативата. Казната стигна уште во следната минута кога Иниеста го пронајде Меси, кој повторно од околу 16 метри го матираше голманот на Милан.
Каталонците доминираа и во вториот дел, а „росонерите“ немо ја следеа тика-така играта на домаќинот, која десет минтути во вториот дел им го донесе и третиот гол, овојпат преку Давид Вилја за комплетен пресврт. Милан до крајот нападна со сите сили, но Жорди Алба во втората минута од судиското надополнување стави точка на фантастичната ноќ на „Ноу Камп“.



Barcelona vs Milan 4:0 MATCH HIGHLIGHTS by UCL2410
|