12.03.2013, 14:01 Белград домаќин на Фајнл-форот во АБА-лигата

Оваа одлука беше донесена по состанокот на првиот човек на лигата, Роман Лисец, со претседателот на КСС и градоначалник на Белград, Драган Џилас
Завршниот Фајнл-фор турнир од АБА-лигата, сепак, ќе се одржи во Белград и покрај тоа што сериозен кандидат беше и Скопје. Оваа одлука беше донесена по состанокот на првиот човек на лигата, Роман Лисец, со претседателот на Кошаркарскиот сојуз на Србија и градоначалникот на Белград, Драган Џилас.
Градоначалникот на главниот српски град побарал од Лисец, АБА-лигата да го плати осигурувањето за евентуално настаната штета во салата каде што ќе се одржува турнирот.
„Подготвени сме ��а ги отстапиме ’Пионир’ или ’Арена’ бесплатно доколку АБА си го плати осигурувањето. Околу безбедноста Лисец го упатив на договор со надлежните државни органи“, изјави Џилас.
Финалниот турнир ќе се одржи во периодот од 25 до 27 април, а засега како сигурни кандидати се лидерот Игокеја и Црвена звезда.
И покрај тоа што Скопје изби во преден план за организација на завршниот турнир, ваквата опција беше доста нелогична бидејќи МЗТ Скопје ги загуби сите шанси за Ф4. Македонскиот шампион во моментов се бори за излез во Европа, поточно Еврокупот за каде што ќе му бидат потребни победи против Партизан в сабота (19 ч.) и против Крка на гостински терен во последното коло.
|