12.03.2013, 15:45 Федерер убедлив против Додиг

Актуелниот шампион во Индијан Велс ги надмина проблемите со грбот, го совлада Хрватот и дојде на еден меч до судирот со Надал
Рожер Федерер и Рафаел Надал дојдоа на само еден меч до меѓусебна пресметка, во четврт-финалето во Индијан Велс. Третото коло Шпанецот го мина без борба, откако Леонардо Маер му го предаде мечот поради болки во грбот, а како коинциденција и Федерер мораше да претрпи болки во грбот за да го победи Иван Додиг. Четирикратниот победник на БМП Париба и актуелен бранител на пехарот победи со 6-3, 6-1, за само 61 минута, иако некаде во вториот сет го истегна грбот и чувствуваше болка.
„Не е прв пат ова да ми се случи со грбот, знам како да се справам“, смируваше Федерер. „Се движам нормално, имам ден за одмор, се' е во ред и воопшто не сум загрижен“, додаде Швајцарецот, кој вчера имаше ден за одмор пред вечерашниот меч со Станислас Вавринка, кој останува последна пречка пред четврт-финалниот судир со Рафаел Надал. Шпанецот, пак, веќе размислува за двобојот со Ернест Гулбис. Летонецот кој го освои Делреј Бич, минатата недела, извојува маратонска победа против Андреас Сепи (5-7, 6-3, 6-4). Има 0:4 во дуелите со Надал, но игра во стравотна форма со победничка серија од 13:0. „Не знам кога последно сум имал 13 победи по ред. Надал е одличен тенисер, но верувам дека ако го одиграм мојот најдобар тенис, можам да го победам. Тој ми одговара затоа што неговите топки имаат многу спин, тоа ми одговара за тајмингот на моите удари. Не сакам кога противниците ми враќаат рамни, длабоки топки“, откри Гулбис, моментно 67. на АТП-ранкингот. Третото коло беше рутинска задача за Томаш Бердих, во дуелот со Флоријан Маер, како и Ришар Гаске и за Жил Симон.
Резултати 3. коло: Федерер (Швајацрија) - Додиг (Хрватска) 6-3, 6-1, Надал (Шпанија) - Л. Маер (Аргентина) предаден, Бердих (Чешка) - Ф. Маер (Германија) 6-4, 6-1, Гаске (Франција) - Јанович (Полска) 6-1, 6-4, Симон (Франција) - Пер (Франција) 3-6, 7-6, 6-4, Вавринка (Швајцарија) - Хјуит (Австрија) 6-4, 7-5, Гулбис (Летонија) - Сепи (Италија) 5-7, 6-3, 6-4, Андерсон (ЈАР) - Ниеминен (Финска) 7-6, 6-4. |