12.03.2013, 09:17 Барселона се крсти во Меси

Тешка задача за Каталонците во вечерашниот реванш со Милан по 0:2 во првиот меч
Првиот фаворит за титулата во фудбалската Лига на шампиони, екипата на Барселона, вечерва на својот стадион треба да ја покаже силата и да постигне минимум два гола во реванш-дуелот против Милан, во рамките од осминафиналето на елитното европско натпреварување. Во дуелот на двете екипи кои досега вкупно 10 пати биле на тронот на Стариот континент, италијанскиот гигант Милан има солидна предност од 2:0 стекната по првиот меч одигран на „Сан Сиро“. Милан иако важеше за аутсајдер во овој дуел, покажа дека кога е најпотребно знае како да одигра против најдобрите и на Каталонците по првите 90 минути не им дозволи да создадат речиси ниту една шанса за пого��ок, а во нападот реализираа два пати, со што се најдоа чекор до пласман во следната фаза.
Сега Барселона најавува сосема поразлична игра на реваншот на „Камп Ноу“. Сите фанови на каталонскиот гигант очекуваат да се разигра првата ѕвезда на тимот, Лионел Меси. Аргентинскиот виртуоз, кој погодува на последните 17 меча во шпанското првенство, што претставува нов светски рекорд, дејствуваше незапазено на првиот меч во Милано. Меси досега сезонава даде 41 погодок во сите натпреварувања и е прв стрелец во Европа, но дуелот против Милан е тој на кој Аргентинецот треба да покаже зошто четири години по ред го добива признанието за најдобар во светот. Барселона и на овој меч ќе ја предводи помошник-тренерот Жорди Роура, кој го менува болниот Тито Виланова. Првиот тренер е во Њујорк каде што прима терапија откако му беше установено дека повторно има рак на грлото. Виланова им порача на своите фудбалери дека доколку го елиминираат Милан, тој ќе ги предводи во четвртфиналниот двобој.
Се очекува Барселона да нападне уште од првата минута. Дури се шпекулира дека Барселона на овој меч може да постави нова досега непокажана тактика со само тројца во одбраната тројца во средината и дури четворица во нападот. Минатата сезона Барса го елиминираше Милан, но сега ќе им биде многу потешко бидејќи според многумина најтежок резултат за бркање е негатива од 0:2. Барселона во последниве четири сезони два пати ја освојуваше Лигата на шампионите и сега е прв фаворит, но овој пат треба да покажат зошто биле најдобри.
Милан, кој во историјата вкупно седум пати бил на врвот на Европа, многупати покажал дека знае да биде најдобар кога е најпотребно. „Росонерите“ сигурно на „Камп Ноу“ ќе постават дефанзивна игра и со брзи контри ќе се обидат да го загрозат голот на Виктор Валдез. Доколку Милан даде еден погодок во реваншот, Барселона ќе мора да постигне дури четири погодоци ако сака да оди понатаму. Тренерот на гостите, Масимилијано Алегри, верува дека неговиот тим може да одигра уште подобро во реваншот.
„Патуваме во Барселона со цел да одиграме уште подобро отколку на првиот меч“, рече Алегри.
Покрај мечот во Барселона вечерва се игра дуелот и во Гелзенкирхен меѓу Шалке и Галатасарај. Германскиот тим има мала предност бидејќи на првиот меч во Истанбул одигра нерешено 1:1 што значи дека сега пред своите навивачи доволно им е и дуел без голови. Турците се надеваат дека предводени од Дидие Дрогба и Весли Снајдер кои во својата кариера ја имаат освојувано ЛШ, може да постигнат гол и да се надеваат за влез меѓу осумте најдобри во Европа. |