12.03.2013, 16:03 (ФОТО) Вардар ја прегази Шкендија
Црвено-црните ја забележаа првата победа во 2013, декласирајќи ја Шкендија со 6:1 во одложениот натпревар од 20. коло во Првата македонска лига
ФОТО: Петр Стојановски
Фудбалерите на Вардар ја забележаа првата победа во 2013 година, декласирајќи ја Шкендија со 6:1 во одложениот натпревар од 20. коло во Првата македонска лига. Поранешниот првак го плати цехот за постот на актуелниот шампион, кој во подготвителниот период имаше четири порази и три ремија, а на стартот од пролетниот дел одигра без голови против Пелистер во Битола. Со најубедливата победа сезонава, вардарци се зацврстија на врвот на табелата со 42 бода, четири повеќе од второпласираниот Хориз��нт Турново, а Шкендија остана осма со 26.
Победникот на Националната арена „Филип Втори Македонски“ беше решен во финишот на првото полувреме, кога Вардар за четири минути даде три гола. Лидерот го доведе во водство најдобриот стрелец во лигата Јован Костовски во 14. минута со својот 13. гол сезонава, а гостите од Тетово израмнија во 38. минута преку Музафер Ејупи. Нова предност на црвено-црните им донесе Аце Стојков, кој во 42. минута го постигна својот првенец во дебито за Вардар по доаѓањето во зимскиот преоден рок од ирански Зоб Ахан. На истекот на првиот дел уште два погодока во мрежата на Шкендија: прво Остоја Стјепановиќ од 40 м успешно го лобува истрчаниот голман Ников, а во судиското надополнување Стојков погоди еднаш. На 5:1 зголеми Димитрија Лазаревски во 65. минута од слободен удар од 25 м, а точка стави Филип Петров во 83. минута.
Двете екипи беа лишени од поддршката на своите навивачи - „комитите“ го бојкотираа мечот поради постојаното одложување на првенствените дуели, а „балистите“ не ни дојдоа поради забраната од Фудбалската федерација на Македонија за гостински фанови, па на трибините имаше одвај стотина гледачи. Вардар настапи без суспендираниот Ранѓеловиќ и повредените Бојовиќ, Захов и Таневски. (Р.Д.)
|