18.10.2011, 16:29 Пожарот ги „затопли“ односите со Катар
Од „Александар палас“ се правдаат како да стануваше збор за свадба, а не висока државничка посета
Слободанка Јовановска
Надлежните во Македонија и управата на хотелот „Александар палас„ вчера се обидоа да го минимизираат инцидентот за време на вечерата организирана во чест на емирот од Катар, шеикот Хамад бин Калифа ал-Тани, со образложение дека пожарот не бил закана, па и тоа дека пожар, всушност, немало, туку тоа бил само курцшлус на неисправна светилка. Да беше во прашање некоја свадба од тие што се организираат во хотелот, објаснувањето можеше и да пројде, но бидејќи стануваше збор за емир со сина крв, од богата земја, на кој патем не толку одамна имаше неуспешен обид за атентат, и една светилка (а не беше баш така) пали црвен аларм.
Вечерта во „Александар палас“ се запалија дури и сирените за пожар, а освен густата „магла„ од чадот и од хемискиот распрскувач за гаснење пожарот, паѓаа и делови од метал, стакло и огнени пламени. Со оглед на тоа дека до пожарите вообичаено доаѓа од фрлена цигара или догорче, а не запалива бомба, легитимно е прашањето - ако една неисправна светилка предизвика ефект каков што покажуваат сликите, како ќе изгледаше да изг��реше кујната на „Александар палас“? Фамозната светилка, патем, беше причина целиот хотел да се најде прекриен со половина сантиметар бел прав, па четири хигиеничарки со правосмукачки забрзано го чистеа фоајето и ги враќаа во нормала масите, фотелјите и столовите што обелеа сосема од хемискиот распрскувач.
„Утрински весник“, наспроти шпекулациите како тоа баш опозициски настроен весник да се најде таму и како да се случи ваков инцидент баш во хотел на главен спонзор на опозициската партија, всушност, не беше единствен присутен на настанот. Беа присутни и цела група салонски новинари што заборавија која им е професијата и не дојдоа од салата до холот за да видат што се случува, иако инцидентот траеше подолго од половина час, а емирот доцнеше поради тоа. Дали требаше да изгори целиот хотел, па да видат вест, е тема за друга расправа.
Како и да е, за да му се надомести на емирот кој на ниво се справи со инцидентот, вчера неговото движење го следеше хеликоптер нонстоп, а беше ангажирана целата шеста управа на полицијата по улиците и во Старата чаршија.
(Поопширно во утрешното печатено издание на „Утрински весник“) |