Број 3271  петок, 30 април 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил
Магазин

Site Meter
Култура

Македонија со богата активност на маркетот во Кан

Македонскиот ден на штандот на Југоисточна Европа што го делиме со седум земји ќе биде на 18 мај


Сунчица Уневска

Македонија годинава ќе има богата активност на познатиот кански маркет Marche du Film за време на одржувањето на годинешниот 63. Кански филмски фестивал. Во текот на целото времетраење на фестивалот, значи од 12 до 23 мај, македонскиот Филмски фонд ќе биде присутен на еден од штандовите кој е во склоп на павилјонот за Југоисточна Европа. Во Кан се очекува да бидат и продуцентите или авторите на повеќето филмови кои се работеа лани во Македонија, а исто така на маркетот се предвидени и неколку скрининзи. Годинава ќе има и неколку продуценти кои ќе учествуваат во различните програми организирани во рамки на интернационалната продуцентска мрежа, а чија цел е размена на искуство, промоција и поврзување за копродукции во идните проекти.

Канскиот маркет се смета како многу важен дел, кој се одвива за време на Канскиот фестивал. Тоа не е дел од официјалната програма на филмскиот фестивал, но маркетот е место на кое веќе 50 години за време на Канската фешта се поттикнува и промовира интернационалната филмска индустрија. Затоа е многу важно да се биде присутен на овој маркет, на кој само лани имаше 10.000 учесници од 101 земја во светот. Сите оние кои не успеваат да влезат во официјалната програма на фестивалот ги прават своите скрининзи на маркетот, па лани имаше дури 1.500 скрининзи и беа промовирани околу 4.000 филма. Канскиот фестивал секако се обидува да ја поддржи и културната, но и економска страна на филмската индустрија и за време на фестивалот, на маркетот му ги става на располагање сите свои можности за да ги привлече филмските професионалци и да им овозможи место за промоција, за презентирање на својата кинематографија и за поврзување.

Годинава Македонија за првпат ќе има штанд, кој ќе го дели со уште седум земји, но секако ќе има голема можност за да ја претстави својата рецентна филмска продукција и на крајот на краиштата, да покаже дека нашата кинематографија, може не е континуирана, но секако е присутна и витална. Штандот кој се наоѓа во склоп на павилјонот за Југоисточна Европа ќе го делиме со Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Албанија, Бугарија и Кипар. Како што ни рече директорот на Филмскиот фонд, Дарко Башевски, планот е секој ден една од земјите да организира т.н. Happy Hour, што ќе овозможи многу поголем проток на луѓе и секојдневни средби. Нашиот ден на штандот е закажан за 18 мај.

Фондот подготви брошура во која ќе бидат претставени сите продукции од 2008/2009 години, а и сето она што се работи и се планира за во иднина. На штандот ќе се презентираат и трејлери од филмовите „Панкот не е мртов“ на Владимир Блажевски, „Ова не е американски сон“ на Сашо Павловски и од омнибусот „Досие Скопје“, кој го потпишуваат девет автори. Омнибусот „Некои поинакви приказни“, кој е заеднички проект на сите поранешни југословенски земји, а во кој учествува македонската режисерка Марија Џиџева со „Македонската приказна“, ќе има две проекции на канскиот маркет. Во Кан ќе биде и авторката Џиџева, како и продуцентот на овој филм Томи Салковски. Своите филмови со ДВД скринери на самото место ќе ги презентираат и Сашо Павловски и продуцентот на „Панкот не е мртов“ Дарко Попов.

„Нашите активности ќе бидат во рамките на генералната промоција на македонскиот филм и на Македонија како дестинација за снимање филмови. Ќе учествуваме во сите програми на организациите со кои соработуваме, како ‘Европската филмска промоција’, потоа Аудиовизуелната опсерваторија на Европската Унија, програмата ‘Медија’, како и на состанокот на ‘Еуроимаж’“, вели Дарко Башевски, додавајќи дека агендата се' уште не им е затворена.

Во дел од важните програми за продуценти кои ќе се одвиваат на канскиот маркет годинава ќе бидат присутни и ќе учествуваат режисерката и продуцент Анета Лешниковска, продуцентот Владимир Анастасов и актерката и продуцент Лабина Митевска. Анета Лешниковска со својот нов проект „Buchno“, кој е поддржан од Филмскиот фонд, ќе биде дел од годинешната „Продуцентска мрежа“, на покана на организацијата „Бингер филм лаб“ од Амстердам. Станува збор за проект кој се одржува на маркетот од 2004 година и кој е важен за поврзување на продуцентите и за барање партнери за своите проекти. На оваа мрежа учествуваат по 500 продуценти и филмски професионалци од светот.

Владимир Анастасов годинава влезе на листата на 23 продуценти кои под називот „Продуценти на потег“ ќе ги промовира „Европската филмска промоција“ односно меѓународната организација за промоција и маркетинг на европската кинематографија во светот. Оваа мрежа се состои од професионални организации од 31 земја во светот, во која од лани влезе и нашиот Филмски фонд. На предлог на фондот годинава на листата на ЕФП влезе Владимир Анастасов, како македонски продуцент кој има работено на голем број копродукции. Последната е ирско-македонско-шведската копродукција „Како да ме нема“ на Хуанита Вилсон, која се снимаше речиси во целост во Македонија. Под чадорот на ЕФП сите овие национални организации ги промовираат своите претставници и нови таленти во светот.

Анастасов, како што ни рече Башевски, ќе биде претставен и на нашиот штанд, каде што сите осум земји заедно ќе направат организирана еднодневна промоција на свои продуценти од земјите на Југоисточна Европа. Додека Лабина Митевска, која лани беше на маркетот со програмата за обука на продуценти EAVE, оваа година ќе биде дел од програмата на францускиот Fonds Sud Cinema, кој исто така помага филмски проекти и промовира продуценти и таленти. Кан е местото каде што во мај доаѓаат сите значајни филмски професионалци од светот. Станува збор за бројка која надминува 30.000 посетители секоја година и иако не сме дел од официјалната канска програма, нашето претставување на маркетот е од големо значење и како земја, и како кинематографија, и како филмски професионалци кои веќе зад себе имаат значајна биографија. Тоа е нешто што ги отвора вратите, а како понатаму ќе ги искористиме зависи само од нас.


#
Статијата е прочитана 485 пати.

Испрати коментар

Од: antibiotik
Датум: 30.04.2010 13:15:42
Sunce,ova sto pisuvas nema veze so realnosta,ne pisuvaj za nesta sto ne gi poznavas.Ti si filmski kriticar i drzise za toa.Produkcijata nitu ja razbiras,niti se rudis bar objektivno da napises,dobro ti placat za odenje vo Cannes,no ima nekoji koj go citaat (pogotovo mladi faci)ova i si mozda ke poveruvaat deka taka e,ama nazalost,ne e taka.Ova se navazni raboti za sto pisuvas,nitu predstavuva nekoja promocija ili kako sakas da predstavis uspeh.Prvo ova nema vrska so "marshe du film"toe distribucija ili kupi-prodaj na filmovi,sto e mnogu znacajno,zosto bez marshe nama da ima festval,ili golem,od tamu fest.gi crpi parite,a,za tia sti ke bidat priutni tamu,prasaj gi so kogo ke razgovarat,imat zakzani soststanoci???koj se zakazuvvat so meseci,4-5 pred fest.uste edna turiticka tura,a ti posle ke napises,"MAKEDONIJA GO VOODUSEVI KAN"bar da mozat da zgazat na red carpet,pa da si gi zglancaat cevlie i da donesat nesto od toj sjal ovde.Kade e listata na gosti pokaneti na nasiot stand????SEE U.

Најди! во Утрински
Култура
Македонската азбука се потврди низ времето
И дела на Дејвид Грас за акцијата „Можеш ако сакаш“
„Кавкаскиот круг со креда“ премиерно во Прилеп