Телото на бебето било во распаѓање
Обдукцијата на телото од бебето што пред три дена беше пронајдено на дебарската депонија е завршена. Сепак, од Институтот за судска медицина во Скопје велат дека анализите тешко ќе ги дадат потребните одговори, имајќи предвид дека телото на бебето било во фаза на распаѓање.
„Поради тоа, разрешницата на случајот ќе оди споро и тешко“, велат од Институтот.
Додека вештаците утврдуваат кога и како настапила смртта кај бебето старо триесет недели, полицијата истражува кој и кога го оставил новороденчето во дебарската депонија.
„Работиме на случајот, но, засега нема нови моменти во истрагата“, признаваат од охридската полиција.
Како што објавивме, мртвото новороденче во средата наутро го забележале вработени во Јавното комунално претпријатие што стопанисува со депонијата. Очевидци тврдат дека бебето било завиткано во ќебенце, а се претпоставува дека на депонијата било оставено неколку часа пред да биде пронајдено. (Г.А.) |