Папата во Израел потсети на холокаустот
Бенедикт Шеснаесетти упати и повик за „едноставно решавање“ на израелско - палестинскиот конфликт
ЕРУСАЛИМ - Папата Бенедикт вчера го искористи својот прв говор во Израел да потсети на шесте милиони Евреи убиени од нацистите и се обиде да ги залекува свежите рани околу неговото повторно поставување на бискупот кој го негираше холокаустот. „Еврејскиот народ, трагично, ги искуси ужасните околности на идеологиите што го негираат фундаменталниот дигнитет на секое човечко суштество“, рече тој на аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив, во обид да ја предизвика десноориентираната влада на Израел, упатувајќи повик за татковина на Палестинците. „Ќе имам можност да им оддадам почит на шесте милиони еврејски жртви на шоах“, рече папата - Германец изговарајќи го еврејскиот термин за холокаустот, „и да се молам дека човештвото никогаш повторно нема да биде сведок на злосторство од таков степен“. Тој подоцна отпатува со израелски воен хеликоптер во Ерусалим.
Во 45-годишниот период откако Вториот ватикански совет се откажа од концептот за колективна еврејска вина за смртта на Христос, католичко-еврејскит�� односи беа оптоварени со прашањето за холокаустот и што направила Црквата или не успеала да направи околу тоа. Тие продолжија низ еден од најлошите периоди откако папата во јануари ја укина екскомуникацијата на четворица традиционалистички бискупи, меѓу кои и оној кој негираше дека биле убиени шест милиони Евреи. Ватикан соопшти дека не знаел доволно за минатото на британскиот бискуп, а црквата и еврејските религиозни лидери сега се надеваат дека тоа прашање може дефинитивно да биде затворено со посета од страна на папата на израелскиот споменик на жртвите на холокаустот „Јад вашем“ во Ерусалим.
Папата Бенедикт, кој допатува во Израел од Јордан, го критикуваше антисемитизмот, за кој рече дека „и натаму го издигнува своето грдо лице“ во многу делови од светот. „Тоа е целосно неприфатливо“, рече тој во говорот на аеродромот „Бен Гурион“. „Мора да се преземат сите напори за да се спречи антисемитизам каде и да се појави и да се промовира почитување и ценење за припадниците на секој народ, племе, јазик и нација во светот“.
Папата Бенедикт, роден како Јозеф Рацингер во Баварија во 1926 година, беше член на Хитлеровата младина, а подоцна служеше во германската армија пред да ја напушти на крајот од Втората светска војна.
Израелскиот претседател Шимон Перез во поздравните коментари на аеродромот истакна: „Вашата посета тука на светата земја ја гледаме како важна духовна мисија од највисок ред, мисија на мирот, мисија на посејување семе за толеранција и искоренување на плевелот на фанатизмот“.
Повторувајќи ја политиката на Ватикан, папата упати повик за „едноставно решавање“ на израелско-палестинскиот конфликт, „така што двата народа ќе можат да живеат во мир во своја сопствена татковина, со безбедни и меѓународно признати граници“. За време на петдневниот престој во Израел и палестин��ките територии се очекува папата да ја повтори својата понуда за Католичката црква да направи се' што може за да помогне во замрениот мировен процес.
Израелската полиција соопшти дека ќе ја спроведе најголемата безбедносна операција за речиси една деценија, од посетата на папата Јован Павле Втори до 2000 година. На должност ќе бидат околу три илјади полицајци. Каде и да патува, папата ќе го следат полициски хеликоптери. (Ројтерс) |