Милошоски стави равенство меѓу антиквизацијата и национализмот
Со Папандреу добивме повеќе фотографирање, но не и реално придвижување
Спорот со Грција е ирационален, тешко разбирлив за сите, приказна за Давид и Голијат во која ние сме Голијат, вели министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, во интервјуто за германскиот весник „Зидојче цајтунг“.
Според него, со Папандреу добивме повеќе фотографирање и насмевки, подобри зборови, но не и реално придвижување. „Грција зборува за национална црвена линија. Црвената боја не е боја на компромисот. Атина бара да ги промениме нашите пасоши, Интернет-страниците, декларацијата на виното што го извозуваме во Германија, при што тоа не смее да се именува како македонско! Тоа е ирационално“, нагласува Милошоски.
Во врска со поставувањето статуи на Александар Велики, што Атина го сфаќа како провокација, Милошоски вели: „Бев дете кога Македонија, пред 20 години, стана независна. Во тоа време не бевме толку сконцентрирани кон антиката. Но, колку повеќе Грција ја претставуваше историјата како забрането овошје за нас, толку поголема беше мотивацијата да се каже дека и ние не сме народ без корени. Тоа е веројатно комплекс на малите нации, мислам дека национализмот на едната страна може, исто така, да го разбуди национализмот на другата страна“. На прашањето за наводните учебници со карти од голема Македонија, Милошоски одговори дека тоа е обид на Грција да шири конфузија. „Јас се образував во Македонија и никогаш не сум учел такво нешто. Грција се обидува да шири конфузија со тврдењата дека Македонија има територијални претензии. Тоа е толку смешно, па како некој да каже дека Луксембург има територијални претензии кон Германија“, вели шефот на дипломатијата.
За дебатата околу улогата на муслиманите што моментно е актуелна во Европа, Милошоски вели оти во Македонија исламот не е новост.
„Ние сме за модел на интеграција без асимилација. Тоа не е секогаш идеално, но функционира. Постои соодветно почитување, но и одредени предрасуди. Во Германија, како и во Европа, исламот е нешто ново, странско, непознато. Но, можеби треба германското општество да го заборави и да отфрли зборот гастарбаитер „гости-работници“, бидејќи има семејства што овде се присутни 40 години, заедно со културата и со традицијата во своите домови и тоа ќе остане така засекогаш“, нагласи Милошоски. (МИА) |