Број 3368  четврток, 26 август 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Хроника

Судењето за „случајот Метастаза“ закажано за средината на септември

Обвинителниот акт, кој од вчера стана правосилен, е напишан на повеќе од 260 страници

Љубиша Станковиќ

Обвинителниот акт што го поднесе Основното јавно обвинителство задолжено за гонење организиран криминал и корупција против големата група обвинети во „случајот Метастаза“ од денеска е во правна сила. Имено, роковите за поднесување жалби по обвинението што е напишано на повеќе од 260 страници изминаа и сега веќе не постојат никакви правни пречки да започне судскиот процес за 36-темина обвинети. Според наши сознанија, Основниот суд Скопје 1 веќе го одредил Судскиот совет што ќе постапува во еден од најобемните судски предмети во историјата на македонското судство, а според истите сознанија стартот на овој судски процес е закажан за средината на следниот месец.

За разлика од барањето за поведување истрага, но и решението што го донесе истражниот судија, обвинителниот акт претрпе измени и во поглед на редоследот на обвинетите и во поглед на делот што се однесува на проширувањата на истрагата.

На долгата листа на обвинети за издавање мислења врз чија основа голем број граѓани, за одреден надомест, оствариле право на инвалидски пензии и натаму на првото место е доктор Сашо Јосимовски (37), лекар од Клиниката за Кардиологија и претседател на Комисијата за ревизија за утврдување инвалидност при Министерството за труд и социјална политика. Второобвинета е Љубица Величкова (50), началничка на Одделението на комисија за оцена на работната способност во прв степен при Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, а потоа следуваат Азем Кофрц (45), Љупчо Бутевски (29), Слободан Дамјановски (52), Љупчо Петковски (53), Пане Георгиевски (58), Лидија Аврамовска - Силјановска (53), Соња Теодорова (54), инаку членови на Комисијата за оценка на работна способност во прв степен при Фондот за пензиско-инвалидско осигурување. Меѓу обвинетите се наоѓаат и Занко Николов (53), Живко Петковски (62), Милчо Демерџиев (49), Зоран Божиновски (48), Ѓорѓе Хаџи Ангелковски (51), Андријана Јошевска (48), Виолета Паневска (65), Олга Мицева (56), Борјанка Танева (50), Иван Барбов (46), Јане Бушев (53), Фиданчо Трајковски (59), Горан Николовски (46), Јовица Мацура (53), Исмаил Ваити (54), Тодор Пиперковски (53), Љубе Глигоровски (61), Едип Шеји (50), Иван Трендафилов (22), Дарко Бакрачевски (25), Валентина Димовска (45), Милан Зафировски (52), Миливој Арсовски (59), Дивна Трпевска (64), Ристе Велковски (49), Звонко Алтановски (55) и Сафета Заховиќ (50). Засега е непознато што ќе се случува со уште еден од обвинетите.

Според наводите на диспозитивот на обвинението, во текот на 2008 година, првите четворица споменати се јавуваат како создатели на злосторничкото здружение, а ним им се приклучиле другите обвинети. Како посредници, според Јавното обвинителство, се јавуваат обвинетите Азем Сфорц и Љупчо Бутевски, а како посредници и нивни соработници имињата на уште седуммина од сега обвинетите. Работата на посредниците била да пронаоѓаат и да врбуваат лица кои се заинтересирани за остварување право на инвалидски пензии. Тие прибавувале документација за нивната возраст, пензиски стаж и потребната медицинска документација, а потоа ја одредувале висината на средствата што требало граѓаните да ја платат во замена за остварено право на инв��лидска пензија. Според одредената „тарифа“, цената ретко кога била пониска од 3.000 евра, но можело да биде и повисока.

Големата група лекари кои биле дел од системот, а нивната обврска била од стручен аспект да прават процена која медицинска документација дополнително треба да се прибави за да се оствари правото на пензија, но и да издаваат невистинита документација со која барателите на инвалидска пензија ја приложувале на стручните комисии.

Случајот со издавање лажни инвалидски пензии, кој полицијата му даде оперативно име „Метастаза“, финишираше кон крајот на април годинава. Со месеци полицијата, со примена на таканаречени посебни истражни мерки, го следеше работењето на сега обвинетите, а потоа тие во акција која никогаш порано не беше практикувана ги лиши од слобода речиси сите осомничени. На 20 април, со шест полициски комбиња во скопскиот Кривичен суд беа спроведени дури 33 лица, а најголемиот број од нив беа уапсени на нивните работни места. Како што одминуваше времето, дел од сите претходно притворени беа пуштани од затворот „Идризово“, односно мерката притвор им беше заменета со алтернативна мерка куќен притвор.


#
Статијата е прочитана 1127 пати.

Испрати коментар

Од: spase
Датум: 26.08.2010 08:42:43
gi ima i od stip samo treba da gi uapsat, se ke priznaat.
Од: Наташа
Датум: 26.08.2010 13:30:00
Овие луѓе ќе ги пишувате со име, презиме, возраст и останати генералии, како и со снимки од нивното апсење, а за оној од Велес што си ги силувал ќеркичките - ни иницијали. СРАМОТА
Од: Jasme
Датум: 26.08.2010 15:48:31
Баш овие денови се мислев до кај отиде овој случај. ��е надевам дека ќе има известувања додека трае судскиот процес и едвај чекам да видам што ќе излезе на крај. Наташа, статијата за која се лутиш не можев да ја видам на странава. Но сепак, доколку се сеќаваш и на овие луѓе имињата не им беа објавени додека тие беа само осомничени. Сега се веќе обвинети.

Најди! во Утрински
Хроника
Егзекуторот на „Земунскиот клан“ екстрадиран во Србија
Од три лица одземени фалсификувани денари
Работник почина на работно место
Истрелани куршуми во автосервис