31.01.2013, 15:22 Седум години затвор за глисерската несреќа
Охриѓанецот Кристијан Шапкар денеска е осуден поради предизвикување на несреќата во која загина Ирина Романова-Муцунска
Седум години затвор за охриѓанецот Кристијан Шапкар поради предизвикување на глисерската несреќа која се случи 2009 година во Охридското Езеро, при што загина скопјанката Ирина Романова-Муцунска. Ова е првостепената пресуда која што ја донесе вчера основниот суд во Охрид, по што ќе следи жалбена постапка.
Претседателот на судот, Милчо Клишески, кој ја донесе пресудата за „Утрински весник“ вели дека на нејзиното соопштување денеска не присуствувале ниту одбраната, ниту пак обвинетиот Шапкар. За време на судскиот процес ко�� траеше неколку години, според судот се потврдило делото за кое Шапкар одговараше – а тоа се тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Несреќата се случи во 2009 година, при судир на двата глисера, на Шапкар и на Муцунска, на влезот во Студенчишкиот канал во Охрид. Судскиот процес против Кристијан Шапкар, почна на во мај наредната година пред Основниот суд во Охрид. После 1,5 година, процесот се преотвори оти имаше дури девет одложувања по барање на одбраната, од вкупно 15 закажани рочишта. Одбраната бараше одложување главно поради болест на обвинетиот или на сведоците.
Шапкар најпрво се бранеше со молчење, а потоа се одлучи да ја даде својата одбрана пред судот. Тој изрази жалење за несреќата, притоа изјаснувајќи се како невин на случајот, за кој самиот рече дека предизвикал негативни последици и по неговото здравје и семеен живот. Велеше дека знае за што е обвинет, но ги негираше извештаите од истрагата дека бил под дејство на алкохол во моментот на несреќата, односно дека во крвта имал 1,08 промили алкохол. Во излагањето пред судот, тој нагласи дека веднаш по излегувањето од притвор се обидел да го контактира семејството на жртвата, за да изрази сочувство за трагичната загуба, но како што рече, до него биле искажани закани. (Д.Т.)
|