Работнички се обидува да ја врати старата слава
Ристе Стефанов е најновото засилување на „репрезентацијата во мало“ од Градски парк
Наум Котевски
Група ентузијасти, како што се нарекоа самите тие, ќе му помогнат на најтрофејниот македонски кошаркарски клуб Ра��отнички сезонава барем да заличи, ако веќе неможе преку ноќ, да биде она што беше - бренд во македонската кошарка. Новиот состав предводен од најновото засилување репрезентативецот Ристе Стефанов, кому друштво ќе му прават Мираковски, Гоцевски, Александар Димитровски, Симиќ, Блажевски (како и помладите Богевски, Дилберовски, Докузовски, Станков, Толевски, Саздов) бездруго ветува такво нешто.
Претседателот на новиот Управен одбор, Златко Тодоровски, од „Кубус“, како и потпретседателот Љупчо Васовски од „Тинекс“, како дел од неколкуте фирми кои финансиски ќе партиципираат, велат дека тие во ситуацијава не се спонзори туку дека новиот состав на Работнички, кој претставува на некој начин репрезентација во мало, е нивен спонзор.
„Колку и да звучи чудно, така е. Сите играчи влегоа во овој проект со голема желба да помогнат. Помогнаа и навивачите и целата администрација. Сите заедно за кратко време оформивме тим кој се надеваме дека ќе биде респектабилен. Логиката вели дека на дресовите секогаш стојат спонзорите. Сега на нив ќе бидат испишани презимињата на играчите“, посочи Златко Тодоровски, кој на прашањето дали проектот е инстантен или долгорочен, односно дали играчите се цврсто врзани со договори, повикувајќи ја на помош човечката димензија кажа нешто што е веќе нормална работа за нашите клубови.
„Видете, ако некој од овие играчи има шанса финансиски да се офајди во некој друг клуб, па колку и да е цврст договорот треба да му се овозможи такво нешто. Не би било фер да се спречува. Инаку, секој играч има уреден договор како што налагаат пропозициите на Федерацијата“, вели Тодоровски, кој од мали нозе е заљубен во клубот од „Градски Парк“.
Потпретседателот Васовски, пак, кажа дека е среќен што „Тинекс“ е во ситуација да му помогне на Работнички. „Ние како компанија не сме застапени надвор од државава. И маркетингот го гледаме на нашиот пазар. Но би биле уште позадоволни ако клубот стигне на ниво да игра и во европските купови или Јадранската лига“.
Покрај Тодоровски и Васовски во Управниот одбор се и вториот потпретседател Никола Николовски, генералниот секретар Бранислав Гаврилов, спортскиот директор Златко Богевски и претставникот на навивачката група Никола Гоергиев.
Стручниот штаб го сочинуваат Марјан Србиновски, селекторот на репрезентацијата Марин Докузовски и Нино Миленковиќ. Инаку, утре стартува новиот кошаркарски шампионат на Македонија, а Работнички гостува кај новиот прволигаш Ултимејт Баскет во Прилеп. |