На студии во „малиот Париз“
Во Букурешт студираат десетици наши студенти со стипендија од романската влада
Од нашиот известувач Димитар Чулев
Букурешт - Сашко Наков го направи својот избор: останува во Букурешт со својата некогашна колешка од студиски денови на Економскиот факултетот и сегашна сопруга, Мадалина. Во брак се, во јули очекуваат принова.
„Ќе биде девојче“, вели радосен. Кога во 1997 година од Штип стигнал во Букурешт на студии, не можел ни да сонува дека стипендијата што ја добил од романската влада практично ќе го определи и неговиот живот. Денес на 31 година е шеф на тимот за продажба во букурешкото биро на мултинационалната компанија „Newsoutdoor“, сопственост на медиумскиот магнат Руперт Мардок. Вели дека е благодарен на Романија, која му овозможи шанса да се образува и на неговиот вујко Митко, кој го подучи да ја искористи шансата да земе романска стипендија. Тогаш биле 16 во групата стипендисти од Македонија, кои таа година отидоа за Букурешт. Пет од нив, меѓу кој и тој, не се вратија во Македонија.
„Се разбира, мојата одлука не е конечна. Еден ден сонувам да се вратам како успешен човек и да и' помогнам на мојата земја“. Не е носталгичен премногу, но, сепак, два пати годишно оди дома во Штип каде што живеат мајка му и сестра му. Ги помага во овие тешки времиња како што и самохраната мајка одвојуваше од уста да го помогне неговото студирање. Сопругата Мадалина научила македонски, согласна е да живее во Македонија во моментот кога Сашко ќе одлучи така.
„Овде имам одлични можности да напредувам. Земјава е огромна, богата, многу странски компании работат овде и тоа е шанса да се стекне огромно искуство“. Не е вознемирен од кризата која деновиве ја потресува Романија. Претседателот Трајан Басеску и' понуди на јавноста пакет-мерки за спас на економијата, кој предвидува кастрење од 25 отсто на платите на вработените во државните институции, кратење на пензиите за 15 отсто, намалување на надоместот што го добиваат мајките кога одат на породилно отсуство. Секојдневно се протестира, опозицијата и синдикатите жестоко се против понудените мерки. Аргументите се едноставни - просечната плата е малку над 250 евра (секако во леи), пензиите се околу 120 евра, надоместот за мајките се предлага да биде 600 леи (околу 150 евра) без разлика колку била редовна платата на жената која заминува на породилно.
„Мерките се драстични и задоцнети“, в��ли Сашко Наков. Кратењето требаше да биде преземено лани. Земјата има огромна државна администрација од 1,2 милиони државни службеници, иако се проценува дека се потребни и барем три пати помалку. Тоа се огромни трошоци. Тој заработува добро, иако не е задоволен од тоа што, поради кризата, и во неговата фирма се намалени бонусите за вонредно ангажирање.
Во 2003 година купил двособен стан во пристоен дел на Букурешт за тогашни 15.000 долари. „Тоа беше одлична инвестиција, пред влезот на Романија во ЕУ во 2007 година, раскажува тој, пазарот на недвижен имот здиве“. Станови како неговиот стигнаа до пренадуена цена од 160.000 долари, но по 2008 година, цените паднаа за повеќе од половина. Да се живее под кирија сега е скапо, за двособен стан таа е меѓу 300 и 400 евра. Плус трошоци за струја, вода, гас, греење, 100 евра е цифра која брачен пар професори, кои имаат плата од по 270 евра, тешко можат да си ја дозволат. Дополнителен проблем е презадолженоста. Романците до лани масовно се презадолжуваа преку кредити за станови, возила, облека, одмор на кредит. Сега банките дојдоа по своето.
„Се случија неверојатни промени“, ни објаснува Сашко. До 2008 година Романија имаше недостиг од работна сила, бидејќи многумина заминаа на Запад. Сега кога поради кризата се враќаат дома, одеднаш се создаде огромна невработеност. Моментно, 750.000 луѓе се без работа, а проекциите се дека до крајот на годинава бројката ќе надмине еден милион. „Дојдов во Романија на студии во вистинскиот момент. Сега е малку потешко за моите помлади колеги од Македонија кои доаѓаат тука“.
Јован Софрониевски е веќе шеста година во Романија. Студира на Националниот универзитет за музика – Конзерваториумот во Букурешт. Планира да остане на магистратура, да специјализира византиска музика и црковно пеење. Тој вели дека во Букурешт нашол записи за она што се случувало на просторите на Македонија во изминатите векови, податоци што ги нема во Скопје. Сака да го истражува реформаторот на византиското црковно пеење Јован Кукузел, родум од дебарските села. „Конзерваториумот ми дава одлични можности“ вели тој.
Разговараме во едно од многуте кафулиња на улицата „Липскијани“, во стариот дел на Букурешт, омилено сврталиште на студентите кои од десетици странски земји студираат овде.
„Тоа е нешто како Старата скопска чаршија“, ни вели. Се пие пиво од кригла. Цената е 7 леи (120-130 ден.), сендвичите се околу 10 леи или противвредност на 150 денари. Од соседните маси се слушаат многу јазици, но, главно, сите релативно брзо го совладуваат романскиот. „Подготвителниот курс по романски трае една година, по што почнува студирањето“, ни објаснува заедно со колегата Макјули Костоски од Крушево, кој е на трета година на Факултетот за општа медицина.
Живеат во заеднички апартман со уште еден колега и плаќаат 350 евра месечно. „За пристоен живот, што претпоставува и излегување и забава, се потребни минимум 300 евра месечно“, ни велат. И тоа не е луксузно. Сами готват, се перат, чистат. „Тука се соочивме со нешто што би го нарекол освестување или самовоспитување. Далеку од дома сме оставени сами на себе да донесуваме правилни одлуки во вистински момент“, вели Јован Софрониевски.
Макјули, кој е Влав, вели дека „скокот“ од Крушево во Букурешт е повеќе од огромен. „Кога дојдов пред четири години, имав платено сместување во интернат, платени студии, кои се фантастично скапи, плус 65 евра месечна стипендија. Тоа е еден вид седумка на образовното лото. Не смеам да ја изиграм шансата“ вели тој.
И Јован и Макјули совршено го говорат романскиот, мобилните телефони не престанаа да ѕвонат за време на целиот разговор. Ги бараат колеги, се организираат за испити, но и за забава.
Кои се култни места во Букурешт? Не постои такво нешто, велат. Целиот град, некогашниот мал Париз, со единствена архитектура, десетици музеи, театри, универзитети, паркови со огромни езера - е култно место. |