Мислења
Пад на политичка Европа
Мишел Рокар
Не постои политичка Европа - и не остана уште многу енергија во економска Европа
Серијата одлуки донесени во последниве неколку години во Европа ме растревожија. Првата беше воведување на правилото на едногласност во рамките на Европската унија за секоја одлука што се однесува за надворешната политика или употребата на вооружените сили за други, освен хуманитарни цели. Бидејќи сите мора да се согласат, ништо не е договорено. Како резултат на тоа, Европа не може да изгради заедничка надворешна политика. Втората вознемирувачка одлука го лимитираше буџетот на Унијата на само еден процент од БДП на ЕУ, така спречувајќи ја секоја нова заедничка политичка иницијатива во поголемиот дел од последнава деценија. Третата одлука се однесува на британското право на вето на кандидатурите на Жан Лук Деан и Жан Клод Јункер за претседател на Европската комисија. Кога ова последно британско „не“ беше кажано, јас со жалење ја прогласив смртта на политичка Европа, загриженост што ми донесе сериозна критика, дури и од пријателите.
Овие одлуки станаа поалармантни со текот на времето, кога потребата за „повеќе Европа“ стана прогресивно поочигледна. Само обединета и силна Европа може да се зафати со глобалната борба против климатските промени, да охрабри прифаќање на нови финансиски правила со цел да се избегне неумереноста што доведе до кризата во 2008-2009 година и да се справи со Кина, која е во подем и која наскоро ќе освои 20 проценти од светскиот пазар.
Големата банкарска, финансиска и економска криза со која секоја земја во светот се' уште се соочува, уште повеќе ги влоши работите. Ирска, далеку најголемиот корисник на бенефиции од членството во ЕУ, демонстрираше силен антиевропски рефлекс и покрај тоа што беше погодена порано и силно од кризата.
Во меѓувреме, Германија, долго ��реме гордиот сопственик на европскиот факел, се' повеќе му го вртеше грбот на тоа наследство, особено откако пазарите ги потсетуваа Германците дека нивната земја е многу поевропеизирана отколку што тие сакаа да веруваат или да сфатат. Германија се потпре на Европа кога кризата минатата година беше во нејзината најниска точка. Но, сега тој страв од глобален Армагедон исчезна и Германија се сврте навнатре.
Тајмингот на сево ова е особено чуден, бидејќи оваа нова тесноградост дојде речиси веднаш откако Германија, Франција и Велика Британија цинично се согласија да ја потпомогнат ЕУ и со претседател на Советот на Европа и со министер за надворешни прашања. Меѓутоа, кандидатите за овие функции ги изневерија намерите на трите ЕУ сили: без разлика колку чесни и компетентни се претседателот Херман ван Ромпуј и баронесата Кетрин Ештон, тие се сосема непознати и тоа не претставува закана за силите што се во Берлин, Париз и Лондон.
Секако, тука е и еврото, единствениот голем политички успех на Европа во последниве две децении. Меѓутоа, сега дури и тоа е доведено во прашање, благодарение на Германија. Сите и се восхитуваат на строгиот менаџмент и капацитет за реформи на Германија. Ние, исто така, и' се восхитуваме на монетарната сериозност, верноста кон фискалната строгост и потрагата за извоз и покрај неосврнувањето кон направената штета на оние кои имаат дефицитите што одговараат на вишоците на Германија.
Меѓутоа, кризата промени се'. Таа ја влоши ситуацијата во голем број европски земји кои не се толку големи колку Германија. Трите балтички држави, Унгарија и Исланд, која не е членка на ЕУ, се банкрот. Секако, тие не и' припаѓаат на еврозоната, но Грција, Шпанија, Португалија и Ирска и' припаѓаат, и нивните проблеми се речиси исто толку загрижувачки.
Германија, сепак, инсистира на воведување на нејзината строгост во еврозоната како целина, стратегија што гореспоменатите држави може да ја спроведат само по ризик на социјален хаос. Овие земји може да излезат од кризата, нивната криза, само ако монетарната политика им даде простор за раст. Меѓутоа, Германија ја одбива оваа опција и на тој начин сериозно ја загрозува заедничката европска валута.
Спротивно на речиси секој министер за надворешни работи или претседател на земја-членка на еврозоната, на претседавачот на Екофин и на претседателот на Европската централна банка, Германија инсистира дека ММФ ќе биде доведен во ситуација да ја спасува Грција, грубо негирање на принципот на солидарност за еврото. И, благодарение на Германија, каматните стапки што Грција ќе ги плаќа за кредитните пакети составени од други земји-членки на еврозоната ќе бидат многу високи, што значи нејзината економија нема да биде во можност одредено време да закрепне, и дека нејзината финансиска драма, во голема мера, ќе ја отежне колективната судбина на еврото.
Освен тоа, германската канцеларка Ангела Меркел си зеде за слобода да размисли дали загрозените држави треба да бидат исклучени од еврозоната. За да се направи тоа, таа понуди решение што во целост беше отфрлено од основачките договори за еврото, но навести дека Германија можеби е подготвена да ја дестабилизира зоната и заедничката валута за да ги исполни сопствените политички цели. Иако Меркел верува дека сите земји-членки на еврозоната треба да играат според истите правила, таа изгледа не сфаќа дека денес Германија е таа која оди сама во задоволување на сопствените тесни национални интереси.
Зошто Меркел се однесува на овој начин? Една од причините е дека таа предводи коалициона влада која се соочува со избори и дека се наоѓа во многу непријатна ситуација во домашниот парламент. Меѓутоа, ако кратковидоста и внатрешната политика вршат притисок врз раководството на секоја членка на ЕУ да направи било што и се' што сака за сопствен интерес, Европа за кратко време од економска ќе влезе во политичка криза.
Ако „политичка Европа“ има повеќе моќ, со кризата во Грција требаше да се справи преку брутална конверзација на врвот. Меѓутоа, не постои политичка Европа - и не остана уште многу енергија во економска Европа. Со оглед на состојбата во глобалните финансии, смртта на еврото би била ненадминлива катастрофа. Тоа се' уште може да се избегне, но само ако сите Европејци се сетат на нивната солидарност и реагираат со невообичаена храброст и истрајност.
(Авторот е поранешен премиер на Франција, член на Европски парламент и пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“.) |