Ќе има доволно пиперки за ајвар
Струмица - Во Струмичкиот регион почна бербата на црвените индустриски пиперки. Од вкупно 2.000 хектари, годинава се очекува рекордна берба од околу 50.000 тони „ајварка“. Земјоделските стручњаци проценуваат дека богатата реколта ќе обезбеди доволни количини црвени пиперки како суровина за конзервната индустрија и за подготвување зимница во домашни услови, но и за извоз.
„Квалитетот на популарната ’ајварка‘, една од најзастапените градинарски култури во струмичкото подрачје, годинава е одличен и очекуваме просечни приноси од 2,5 тони од декар. Тоа значи дека ќе има доволно индустриски пиперки за домашниот и за странските пазари“, велат во земјоделското здружение „Градинар“.
Според здружението „Градинар“, годинава од 35 до 40 отсто од производството ќе им биде испорачано на купувачите во соседните земји, пред се', во Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина и во Косово. (МИА) |