Петров: Беше лесно, ништо посебно
Возачот на Рено, зад кој заглави Алонсо во Абу Даби и со тоа ја изгуби титулата, вели дека Ферари треба вината да ја бара кај себе
Виталиј Петров смета дека Ферари, а не тој, треба да биде цел на лутината на Фернандо Алонсо што не успеа да стане трикратен светски шампион во Формула 1. Петров ја извозе својата најдобра трка сезонава во Абу Даби, што може да резултира со зачувување на возачкото место на Русинот во Рено и во 2011 година. Тој успеа да го задржи Алонсо зад себе во последните 40 круга откако Ферари направи грешка со својата пит-стоп стратегија. Последицата беше тоа што Шпанецот заврши на разочарувачкото седмо место, а му беше потребен пласман најмалку на четвртата позиција за да ја зачува предноста од 15 поени што ја имаше во однос на победникот во трката и нов првак Себастијан Фетел. Кога Алонсо конечно го стигна Петров во забавувачкиот круг по влегувањето во целта, 29-годишниот возач на Ферари бесно му гестикулираше на Русинот во стилот „што правеше ти“.
Алонсо подоцна го обвини Петров за агресивност, забелешка што тој решително ја отфрли.
„Ја си возев како што знам, докрај“, изјави тој. „Не можам да допуштам некој болид да ме помине, бидејќи станува збор за трка. Погледнете го Себастијан во 2008. Тој се наоѓаше зад Хамилтон, кој се бореше за титулата, во последната трка во Бразил. Но, тој го престигна Луис, кој поради тоа за малку не ја изгуби титулата. Тој исто така не размислуваше со кого се бори. Според тоа, јас не направив ништо друго освен што продолжив да притискам. Сакам битки и вакви работи, но не бев агресивен. Тоа беше нормална трка. Нема да му дозволам никому да ме помине лесно. Сакам да покажам дека јас не сум тука за да возам наоколу само од забава. Тука сум за да работам, па не сакам да ја пропуштам таа можност. Беше просто, лесно и ништо посебно“.
И покрај гестот на Алонсо на кој беше сведок Петров, тој избра да не се конфронтира со двократниот светски првак по трката.
„Беше лут, па немаше смисла да зборувам со него“, додаде Петров. „И јас би бил лут ако се најдам во таква ситуација, но тој би требало да се лути себеси или на својот тим, кој можеби спровел погрешна стратегија или нешто слично. Ако се доближеше доволно за да нападне, немаше да се борам премногу со него, бидејќи немаше да сакам да се допрам со него поради тоа што тој се бореше за титулата. Но, тој само еднаш беше блиску за да нападне. Јас ја затворив мојата положба и потоа возев нормално по патеката. Тој немаше друга можност за престигнување, со оглед на тоа дека ова е патека што не ти дава таква шанса“.
Иако Петров имаше незабележителна дебитантска сезона, можеби сега ќе му се укаже можност да продолжи покрај Роберт Кубица в година во светлината на толку добрата изведба. Дали таа ќе биде доволна за да го спаси останува да се види, иако тој додава дека е оптимист оти ќе остане.
„Наскоро ќе знаеме што ќе правиме“, вели Петров. „Одевме напред, напред, напред. Се' се одвива во вистинската насока. Завршивме добра работа“. |