ТВ-фотелја
Ишарет кон исток
Роберт Д. Крстевски
Духовитата забелешка „Запад не' отпиша, Исток не не' запишува“, содржана во репликата на инспекторот (Душко Костовски) во култниот македонски игран филм „Среќна Нова 1949“, можеби и' прилегаше на тогашна Југославија, но не и на сегашна Македонија. Запад многу-многу не не' есапи и понатаму, но во последно време како да се раѓа тенденција за свртување кон (Југо)исток. Барем што се однесува до филмските остварувања, поточно сериските филмови.
Прозорецот кон Исток прва го подотвори телевизија А1 со турската сапуница „Илјада и една ноќ“, за Сител веднаш да возврати со „Ѓумуш“. Не помина долго време од конкурентскиот паралел-слалом, па А1 фрли ракавица со уште еден турски серијал „Долина на волците“, а Сител, да не остане покус, реплицира со „Горка љубов“. Во меѓувреме, „ѕинговизија“ отиде и чекор понапред во донесувањето на Истокот во Македонија, и тоа далечниот, со индиската играна серија „Бандини“.
Се провлекува ли меѓу редови некакво предлог-решение за безизлезот во кој веќе подолг период се наоѓа Македонија во однос на евроатлантската иднина или таквиот привид е претенциозен? Поверојатно се чини второто, но индикативно е дека, по речиси дведецениска доминација во програмската понуда на македонските телевизиски станици, латиноамериканските лимонади, кај нас познати како шпански серии, полека, но сигурно го губат здивот и им го отстапуваат местото на сличните ТВ-производи од Истокот. Штом Западот, чиј дел е и Шпанија, упорно не не' запишува додека не го задоволиме барањето на Грција да си го смениме името на државата, тогаш ништо поприродно од намигнувањето на Турција и на Индија, кои ни го признаа уставното име!?
Море, не ќе да е до висока политика работава. Ниту до скриени намери на домашни вртикапи и на нивни надворешни ментори. Проста е логиката. Овдешната публика, едноставно, се засити од мексикански, венецуелски, колумбиски и какви уште не сериски филмови од шпанското јазично подрачје, па нивните турски и индиски реплики дојдоа како еден вид освежување. Истиот продукт, но во поинаква амбалажа, па уште и натсинхронизиран на македонски, нема што, се покажа полн погодок во однос на гледаноста. Таа, пак, носи реклами, а тие се врвниот приоритет на секоја комерцијална телевизија.
Еден ден и турските и индиските играни серии ќе бидат изгустирани од македонскиот аудиториум, кој ќе посака нешто ново и се' така во круг, а задоволството на квадрат, како што вели слоганот од подзаборавената реклама за супите на „Витаминка“. Таа варијабилност на вкусот на реципиентите, дефинитивно, нема да зависи од тоа дали Западот во меѓувреме ја запишал Македонија. |