Вардарци со победа го отворија финалето против Фени И.
Одличниот шут за два и три поена пресуден за израмнувањето на 1:1 во серијата подобар до четири
Вардар Осигурување успешно ја отвори финалната серија во кошаркарскиот плеј-оф. Го совлада Фени индустри во малата сала во „Борис Трајковски“ со 89:77, израмнувајќи на 1:1, во серијата подобар до четири. Како што е познато, Фени И. стартуваше со 1:0 поради подобриот резултат во меѓусебните дуели во регуларниот дел од првенството.
Како и повеќето претходни натпревари меѓу овие две екипи така и овој се одлучуваше во последната четвртина. Во тие 10 минути кошаркарите на Слободан Петровски одиграа одлична одбрана и направија пресудна предност од 23.13.
Инаку, одличниот шут од игра (54 отсто, 58 отсто за три 18/31) му ја даваше потребната сигурност на Вардар во текот на целиот натпревар. Само во тој статистички елемент предничеа домаќините. Во сите други категории двата тима беа безмалку израмнети, како што беа израмнети и во очајното реализирање на слободните фрлања (66 отсто В.О, 62 отсто Ф.И.)
Најефикасен играч на мечот беше Џејмс Лајф со 25 коша, но и тоа не беше доволно неговата екипа да го избегне поразот. Покрај Лајф во составот на кавадарчани двоцифрен број поени (по 10) постигнаа Бојан Трајковски и Душан Кнежевиќ.
Кај Вардар О. најефикасен беше ветеранот Перо Блажевски со 21 кош. Втор стрелец беше Дамјан Стојановски со 17, а трет Дарко Радуловиќ, кој постигна 16 коша, но за само 19 минути поминати на терен во ротацијата од седум играчи која ја користи Петровски. Наредниот меч се игра на 5 мај во салата „Јасмин“ во Кавадарци. |