Награди за Ацо Поповски и „Фолтин“ на Стериино позорје
Македонскиот режисер Александар Поповски и групата „Фолтин“ со претставата „Брод за кукли“, поставена во Словенско народно гледалишче од Љубљана, триумфираа на 55. Стериино позорје во Нови Сад, кое се одржа од 26 мај до 4 јуни.
Оваа претстава, која по текстот на Милена Марковиќ, ја режираше Александар Поповски, ја доби Стериината награда за најдобра претстава на фестивалот, а исто така и Стериината награда за најдобра претстава што ја доделува Тркалезната маса на Стерииното позорје. Додека групата „Фолтин“ ја понесе наградата за оригинална сценска музика. Инаку, оваа претстава доби уште една награда, за главната женска улога на Барбара Церар.
Со најмногу, дури шест награди се закити претставата „Кора од портокал“ на Новосадскиот театар, направена по текстот на Маја Пелевиќ, а во режија на Кокан Младеновиќ. А Стериината награда за режија ја доби Паоло Маџели за претставата „Барбело, за кучињата и за децата“ по текст на Билјана Србљановиќ, а во изведба на театарот „Гавела“ од Загреб.
Жирито кое одлучуваше за наградите го предводеше сценографот Герослав Зариќ, а годинава на Стерииното позорје беа изведени 28 претстави. (С.У.) |