Реоткривање на културата во Старата чаршија
Вечерва по втор пат граѓаните ќе можат движејќи се по трасираната „Патека на културата“ да ги реоткриваат културните вредности на Старата скопска чаршија. Почетокот на патеката е пред споменикот „Скендер-бег“ во 20 часот, со перформанс на акробати, жонглери од групата „Анди бај“, а со такви перформанси изведувани од групите „Ареијал Енџелс“ и „Замбрамора“, граѓаните ќе можат да се сретнат и во Капан-ан (20.30 - 20. 45 ч.), пред црквата „Свети Спас“ (21 - 22 ч.), како и на платото пред Чифте-амам (21 - 21.30 ч.), каде ќе настапи групата „Остогос енергија“. Во исто време (21 - 22.30 ч.), во Куршумли-ан ќе се одржува првото издание на фестивалот на креативниот филм „МакеДокс“.
Во Сули-ан ќе настапи хорот „Распеани скопјани“ (21.15 - 21.45 ч.), а во овој ан, се до полноќ ќе може да се види и возобновената поставка на Музејот на Старата чаршија, како и настапот на акробатите и жонглерите од „ Фолкамисерија“ (22 - 22.30 ч.).
На крајот на патеката, на платото на Музејот на Македонија ќе бидат одржани два концерта: во 22.30 часот ќе настапи африканскиот „Гангбе Бра бенд“, а по него , Кирил Џајковски со „Рас твид и „Серџук оркестар“. Организатор на проектот „Реоткривање на патеката на културата“ и годинава е Меѓународната менаџмент група - ИМГ. (К,Б.) |