12.03.2013, 17:35 Уште еден моден Оскар за првата дама на САД

Мишел Обама, првата дама на САД, доби уште една потврда за сопствениот стил. Имено, нејзиното име се најде на првото место на листата на најдобро облечени жени во светот по избор на стручњаците на „Сандеј тајмс“, кои ги држат на око не само актерките и пејачките, туку и жените од политичкиот живот.
Обама, која досега неколкупати беше прогласувана за една од најдобро облечените жени на светот (според изборот на „Венити фер“, „Пипл“...) и која и онака има големо влијание врз модните трендови, победи, како што објаснија, поради разбирањето на фактот дека „со оглед на тоа дека нејзината улога како прва дама е визуелна, модата може да биде користена како сила за постигнување на доброто, а која се користи да инспирира и да забавува“.
Првата дама на Америка не е единствена политичарка која се најде високо н�� листата. Деветтото место го држи мијанмарската политичка ѕвезда Аунг Сан Су Куи, додека на 11. место на најдобро облечени жени е министерката за внатрешни работи на Британија, Тереза Меј.
Таа, тврдат стручњаците, знае дека „има најдобри нозе во британската влада“ и носи облека која ја истакнува и не дозволува да се најде во втор план. На листата, меѓу првите 25, поради својот стил се најде и Шери Реман, пакистанска амбасадорка во САД. Меѓу позвучните имиња во топ 25 се и актерките Тилда Свинтон и Хелен Мирен. Една од најмладите луѓе со стил е и шестгодишната ќерка на Бред Пит и Анџелина Џоли - Шило, додека британската кралица Елизабета втора со 86 години е меѓу највозрасните претставнички на добриот имиџ.
Наспроти најубаво облечените, Леди Гага, со својот исклучително необичен и шокантен моден израз, беше прогласена за најлошо облечена. Во секој случај, за стручњаците кои избираа стилски икони најважна, се чини, беше инспирацијата.
„Различноста на листата го покажува влијанието на модата и улогата која ја игра во создавање на визуелниот манифест. Она што е охрабрувачко е дека од 50 луѓе на листата, ниедна не дели ист изглед, сите окупираат различни делови на моден спектар, користејќи го сопствениот вкус за да формираат индивидуален стил кој служи да инспирира“, објаснија од „Сандеј тајмс“. |