Ден Д за економијата на САД
Можно е уште едно намалување на рејтингот на САД во следните 12-18 месеци
Во последниве 48 часа се пишуваше голема економска историја. Сагата за тоа дека САД го загубија својот ААА кредитен рејтинг продолжува. Министрите за финансии од САД и нивните партнери од Г-7 ќе одржат голем број групни телефонски разговори за да дискутираат за одлуката на „Стандард енд Пурс“ (СиП) за деградирање на американскиот долг. Европската централна банка вч��ра, исто така, одржа вонреден состанок за нејзината должничка криза во Италија, Грција, Португалија и веројатно во Шпанија додека се развива оваа голема кредитна криза. „Мислам дека се наоѓаме во несигурни води. Што ќе дискутираат Франција и Британија (и Г-7) овој викенд? Тие се навикнати да имаат долари. Тие се свртеа кон нас да ги решиме нашите проблеми и да предводиме со пример, а ние тукушто бевме деградирани“, вели Џоел Смолен, фонд менаџер во „Аксион капитал“ во Сан Рафаел, Калифорнија. „Каде на друго место да се обратат?“
Ова е за првпат во историјата на САД да им биде намален кредитниот рејтинг. Деградирањето на долгот е сериозна работа и ја доведува во прашање улогата на американскиот долар како водечка светска резервна валута. Исто така, тоа е и голема политичка непријатност по несогласувањата меѓу републиканците, демократите и Белата куќа, што ги истуркаа САД на работ на неисполнување на обврските. СиП сигнализираа дека е возможно уште едно намалување на рејтингот во следните 12 до 18 месеци. Во соопштението СиП наведоа дека го промениле својот став „за потешкотиите за премостување на јазот меѓу политичките партии“ околу уверлив план за редукција на дефицитот.
Цената на финансиската криза и рецесијата, како и на војните во Ирак и Авганистан, пооделно придонесоа за зголемување на долгот на Америка во последната деценија и ги збриша вишоците што земјата ги имаше за време на претседателствувањето на Бил Клинтон. Но, токму проектираните идни трошоци за голем број големи планови за здравствена заштита и пензии, вклучувајќи ги „Медикер“ и социјалното осигурување се тие што го ставија долгот на земјата на пат за кој многумина, вклучувајќи ги и СиП, веруваат дека е неодржлив без дополнителни намалувања и зголемувања на даноците.
Погодени од првото намалување на рејтингот САД почнаа отворен и неконтролиран напад врз СиП, доведувајќи го во прашање нивниот кредибилитет и интегритет. Меѓутоа, кредитната агенција ги оправда своите акции и посочи дека гневната реакција од САД е очекувана од земја или компанија на која и е намален рејтингот. ЕУ, исто така, се посомневаа во одлуката на СиП да го намали рејтингот на Грција во март, и нејзини највисоки официјални претставници изјавија дека не се согласуваат со ставовите на рејтинг агенцијата.
Намалувањето на кредитниот рејтинг на САД може да отвори нов свет на болка за доларот. Веќе разнишан од ниските каматни стапки, бавниот економски раст и странски инвеститори алчни за внесување различност поинаква од американскиот капитал, загубата на ААА статусот може да го зацементира ставот дека доларот повеќе не е најбезбедното засолниште во немирниот свет.
|