Oстанките од таткото на Мајка Тереза во ново почивалиште
На гробиштата во Бутел обредот ќе го изврши кардинал Вунко Пуљиќ
По 91 година од починувањето, посмртните останки на Никола Бојаџиу, таткото на Мајка Тереза, денес во 10 часот ќе бидат погребани по трет пат. Таткото на најголемата светска хуманистка, во 1919 година бил погребан на тогашните гробишта во скопската населба Црниче, а во 1957 година, сите починати католици кои немале живи роднини и пријатели, Католичката црква ги погребала во заедничка гробница во Бутел. Новото почивалиште на таткото на скопјанката Мајка Тереза ќе биде на католичкиот дел од гробиштата во Бутел, а обредот ќе го изврши кардинал Винко Пуљиќ.
Со ова Католичката црква ќе му оддаде почит на Никола Бојаџиу во рамките на одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на Мајка Тереза, а кардиналот Пуљиќ, кој ќе ја води неделната миса е папски делегат на овој јубилеј. Амбасадорот на Ватикан во Македонија, Сантос Абрил И Кастело, пак, ќе ја одржи вечерашната миса посветена на Мајка Тереза, со к��ја симболично ќе биде одбележана и 50-годишнината од неговото свештенство, 25 години од бискупството и 75-годишнина од животот.
Католичката црква во Скопје била меѓу домаќините на сите четири посети на Мајка Тереза на нејзиниот роден град. Секое доаѓање во Скопје, велат, го користела да го посети гробот на својот татко Никола. Првата посета се случила во 1970 година, кога е формиран редот на сестрите на Милосрдието во куќата во Кисела Вода, а последната во 1986 година. (Б.Ј.) |