Федерер и Мари полуфиналисти во Лондон
Во 3. коло Швајцарецот го совлада Содерлинг (7:6, 6:3), Британецот беше подобар од Ферер (6:2, 6:2)
Роже Федерер и Енди Мари се пласираа во полуфиналето на завршниот АТП Мастерс во Лондон како најдобро пласирани од Б конкуренцијата. Швајцарскиот тениски ас ја забележа и третата победа во групната фаза, во последното коло славеше над Робин Содерлинг со 7:6, 6:3 за потврда на фантастичната форма. Мечот траеше 88 минути за 15 победа на Федерер во 16 соочување со Швеѓанецот.
Почетокот на мечот навести мирна задача за Федерер. Уште во воведот реализира брејк, но при водство со 4:3 направи неколку грешки во серијата во форхенд ударите, па противникот успеа да се избори за тај-брејк. И во него Швајцарецот набрзина освои мини брејк за 3:2, потоа поведе и со 5:2 меѓутоа Содерлинг возврати со одземање на неговиот сервис. Сетот, сепак, заврши на страната на момчето од Базел со лоб удар што заврши на основната линија.
Во вториот сет Содерлинг пропушти две прилики за брејк, посебно фрустрирачки за него беше вториот неуспешен обид во кој, со мал аут, пресуди „око соколово“. Во осмиот гем Федерер го фати Содерлинг на крива нога и со бекхенд го реши во својата корист за почетокот на крајот на надежите на шведскиот тенисер. И покрај вториот пораз, Содерлинг имаше шанси за полуфинале, но второто место во Б групата му го одзеде Енди Мари. Нему му беше доволен и сет против Давид Ферер во дуелот што Британецот, сепак, го доби со 6:2, 6:2. За само половина Мари го освои првиот сет и да обезбеди пласман меѓу најдобрите четворица тенисери во светот. По него мечот почна да се движи во една насока, во корист на моментно петтиот светски рекет. Играта на Ферер во целост се распадна по изгубениот сервис при 4:2 во вториот сет, а на Мари не му требаше премногу труд да ги приведе мечот кон крај. Во тој период имаше 75 отсто успешни поени при прв сервис и 54 при втор што беше повеќе од доволно за триумф над Шпанецот кој го напушти Лондон со три порази и без освоен сет.
Резултати
Група Б, 3. коло: Федерер (Швајцарија) - Содерлинг (Шведска) 7:6, 6:3, Мари (В. Британија) - Ферер (Шпанија) 6:2, 6:2.
Табела: Федерер (6 освоени сета - 0 загубени), Мари (4-2), Содерлинг (2-4), Ферер (0-6) |