Еклстоун нападнат и ограбен во Лондон
Првиот човек на Формула 1 доби тупаница и остана без накит вреден 200.000 фунти
Шефот на Формула 1, Берни Еклстоун, добил повреда на главата во нападот извршен врз него во центарот на Лондон, потврдија полициски извори. Во инцидентот што се случи само неколку недели откако тој сугерираше дека на улиците на британската престолнина има повеќе насилство отколку во Сао Паоло 80-годишниот милијардер добил удар со тупаница од напаѓачите пред тие да избегаат со накит вреден 200.000 фунти, известуваат медиумите. Четворица мажи го чекале него и неговата девојка од Бразил кога пристигнале пред седиштето на неговата фирма „Формула 1 холдингс“ во Најтсбриџ, централен Лондон, во средата навечер. Канцелариите се во близина на Бакингемската палата и на неколку чекори од „Оксфорд стрит“, една од најпосетените шопинг-дестинации во главниот град.
Во почетокот на месецов Еклстоун изјави дека е изненаден од бројот на луѓе нападнати секој час на улицата „Оксфорд“. Британецот тоа го употреби како одговор на обидот за киднапирање на поранешниот светски првак во Формула 1, сонародникот Џенсон Батон, чијшто истрениран полициски возач успеа да се пробие низ густиот сообраќај и да им побегне на вооружените напаѓачи врз неговото блиндирано возило пред трката во Сао Паоло. Тогаш зачестија и прашањата за понатамошното одржување на трката во Бразил, кој е неславен рекордер според сериозниот криминал.
„Тие бараат жртви, трагаат по секој што изгледа како лесна цел и не многу снаодлив“, изјави Еклстоун во врска со бразилскиот инцидент.
„Скотланд Јард“ соопшти дека Еклстоун бил одведен во болница во западен Лондон за да му се укаже помош и потоа бил пуштен дома.
„Немаше извештаи за други повреди“, соопшти полицијата. „Во врска со украдените предмети, станува збор за бројни скапоцености“. |