Шокантна пол-позиција за Хулкенберг во Бразил
Германскиот дебитант од Вилијамс беше побрз за повеќе од една секунда од Фетел
Дебитантот Нико Хулкенберг од Вилијамс ги шокира претендентите за титулата во Формула 1 со освојувањето на пол-позицијата, и тоа со голема временска предност во квалификациите за синоќешното гран-при во Бразил. Тој беше побрз повеќе од една секунда од второпласираниот Себастијан Фетел од Ред бул на речиси исушената патека „Интерлагос“ по поројниот дожд. Ова е прва пол-позиција за некогашниот шампион Вилијамс по мај 2005 година и прва воопшто во кариерата на 23-годишниот Германец.
„Неверојатно! Се' уште не можам да поверувам“, изјави Хулкенберг, чија иднина во Вилијамс е нејасна откако тимот стави на знаење дека комерцијалните придобивки ќе бидат клучни во изборот на возачите за сезоната 2011. „Изборот на мазни гуми се покажа вистинска одлука“, додаде момчето, кое поради неискуството со рефлекторите на јавноста мораше да биде водено низ рутината на прес-конференцијата по квалификациите.
„Секако дека знам оти овие момчиња за борат за титулата, па не сакам да создавам никакви проблеми, но, исто така, треба да се погрижам и за мојата изведба на патеката. Ние, исто така, се бориме со Форс Индија за шесто место на конструкторската табела“, објаснува Германецот, кој ја прекина низата од осум пол-позиции во низа на Интерлагос за возачи со мајчин јазик шпански или португалски.
Фетел, кој сезонава освои девет пол-позиции, е изненаден, како и сите други, од тоа шт�� беше победен од возач што има собрано само 18 поени и што не се квалификувал подобро од петтото место досега.
„Прво си помислив дека сум ја изгубил пол-позицијата за една стотинка“, вели тој. „Кога повторно погледнав, имаше друг резултат. Нико беше подобар од сите нас денеска“.
И Марк Вебер, кој беше трет во квалификациите, му упати честитки на Хулкенберг.
„Тој направи сите ние да изгледаме просечно денеска“, изјави Австралиецот од Ред бул.
Вилијамс последен пат победи во 2004 година, и тоа токму во Интерлагос, кога славеше Колумбиецот Хуан Пабло Монтоја. Германецот Ник Хајдфелд во Нирбургринг 2005 му ја донесе последната пол-позиција на Вилијамс.
Снабдувачот со мотори „Косворт“, пак, последен пат стигна до најдобрата стартна позиција во Франција, кога беше поседуван од „Форд“, а за што се погрижија Рубенс Барикело и тимот на Стјуарт во 1999 година. Нивната последна пол-позиција со Вилијамс ја избори Кеке Розберг во Бразил 1983. |