Арсовски и Николовски спортисти на Скопје
Миодраг Мицковиќ
Каратистот Жарко Арсовски, освојувач на бронзениот медал на Светското првенство во Белград и кајакарот на диви води, Атанас Николовски, кој на последното Светско првенство го освои седмото место, се прогласени за најдобрите спортисти на Скопје во годината што изминува. Тие заеднички освоија по 69 поени. На третото место се пласира Дејан Недев, освојувач на четвртото место на Светското првенство во традиционално карате.
Четврти е боксерот Примислав Димовски, трет на Европскиот куп додека петти е кик-боксерот Нинослав Соботковски, кој на светскиот куп се пласира на второ место во својата категорија.
Натаму следуваат: Наташа Илиевска (каратистка), Наумче Мојсовски (ракометар), Мирјета Бајрамовска (ракометарка), Антонио Ристевски (скијач) и Стојан Поповски (триатлонец).
Најуспешен млад спортист е кугларот Бранко Манев, светски првак во младинска конкуренција, втора е пливачката Симона Маринова, а трета Наташа Стефановска (каратистка).
За најдобар тренер е прогласен тренерот на каратистите на Металург, Бошко Заборски, а за најуспешен странски тренер - Лино Червар (Металург).
Машката и женс��ата ракометна екипа на Металург убедливо се прогласени за најуспешните клубови во 2010 година во Скопје, шампиони на Македонија и освојувачи на Купот.
Тројца спортисти добија посебни признанија за своите постигнувања во годината што изминува. Маратонскиот пливач Евгениј Поп Ацев за освоеното шесто место во генералниот пласман на светската листа, Игор Димовски за препливувањето на Ла Манш и триатлонецот Душко Величковски. Не беа заборавени и параолимпијците, спортисти-инвалиди. Најуспешни се стрелачката Оливера Накова-Бикова и пливачот Андреј Стојановски. |