25.10.2010, 17:01 Владата ветува - в година нема да го цица стопанството
Во 2011 година буџетскиот дефицит ќе се покрива со задолжувања однадвор, и тоа за околу 300 милиони евра
Соња Маџовска
Владата ветува - в година нема да го цица стопанството. Таа годинава откако го испумпа домашниот пазар на кој се задолжи за 63 милиони евра само за да го покрие буџетскиот дефицит, најавува дека в година ќе се позајмува само надвор.
Со буџетот за 2011 година е предвидено Владата да се задолжи кај меѓународните финансиски институции за околу 300 милиони евра, а на сметка на порастот на долгот кон надвор ќе забави домашното задолжување, па така за 2011 е планирано тоа да изнесува само 4,8 милиони евра, и тоа само за да се вратат долговите што ќе стасаат за наплата наредната година. Всушност, и во почетокот од оваа година Владата ветуваше дека ќе олабави со домашното задолжување, но поради тоа што не успеа да зајми средства на странските пазари поради високите камати, дефицитот го покриваше со пари од домашните банки и од други инвеститори. И стопанствениците и експертите сметаат дека олабавувањето на домашното задолжување е добар потег, но, сепак, оставаат да видат дали навистина Владата ќе го исполни ветувањето. Тие порачуваат дека во случај кога в година ќе се позајмува однадвор, треба многу внимателно да се искординираат фискалната и монетарната политика за да не се притисне врз стабилноста на денарот.
„Ако се зголемат задолжувањата однадвор од 200 до 300 милиони евра годишно, и тие средства се употребат за буџетски расходи, тоа значи дека Народна банка на Македонија за истото ниво ќе треба да изврши емисија на денари за да ги откупи девизите. За да не се предизвика инфлаторен ефект и намалување на девизните резерви, монетарната власт ќе мора да донесе мерки за истиснување на денарскиот вишок во економијата преку зголемување на резервите на банките или и зголемување на каматните стапки на благајничките записи за да го стерилизира вишокот денари над растот на економијата“, вели поранешниот министер за финансии, Никола Поповски.
И министерот за финансии, Ставрески, на промовирањето на буџетот за 2011 година најави подобра усогласеност меѓу фискалната и монетарната политика. Со буџетот за в година и натаму се зголемуваат ставките за стоки и услуги за 6,9 отсто, или за 121 милион евра, но образложението е дека тоа е поради пописот што ќе се одржи идната година. И договорните услуги се зголемени за 60 милиони евра. Владата најавува дека в година не планира нови вработувања и зголемување на платите на администрацијата. Само по основа на предвидените со евроинтеграциите и со Рамковниот договор, оваа ставка за 1,9 отсто.
Сепак, Владата со буџетот за 2011 ветува дека ќе донесе повеќе инвестиции и развој во инфраструктурата, образованието, здравството.
Министерот за финансии, Зоран Ставрески, се пофали дека капиталните инвестиции ќе се зголемат за 83 милиони евра, или за 29 отсто, а ќе се реализираат во инфраструктурни проекти, како што е „Коридорот 10“, ќе се модернизира железницата, изградба на здравствени установи и училишта и реновирања на студентски домови. Нема да изостанат ниту вложувањата во почнатите проекти, како што е „Скопје 2014“ и изградбата на плоштадот „Скендер бег“.
Најголемо покачување на средствата за в година ќе има кај Министерството за здравство, тоа добива дури 43 милиони евра на располагање, за разлика од годинава кога имало 23 милиони евра. За Министерството за транспорт и врски се обезбедени 37 милиони евра, или 16 милиони евра повеќе од годинава. И образованието ќе добие повеќе, или вкупно 275 милиони евра, што е за 25 милиони евра повеќе од 2010 година. Образованието и социјалната ги имаат најголемите ставки. Министерството за труд и социјална политика ќе добие слична сума како годинава од 377 милиони евра. Земјоделците ќе добијат субвенции од 115 милиони евра. Буџетот за 2011 година е проектиран на близу 2,6 милијарди евра и е повисок за 6,8 отсто од годинашниов, со дефицит од 2,5 отсто. |