21.06.2013, 16:19 Шпанците немилосрни кон Тахити
Светскиот првак го совлада дебитантот со рекордни 10:0 на Купот на конфедерации, Уругвај ја победи Нигерија со 2:1
Фудбалската репрезентација на Шпанија е нов сопственик на најголемата победа на Купот на конфедерациите. Светскиот и европски првак ги потопи аматерите од Тахити со 10:0 и со тоа го урна претходниот рекорд на Бразил и нивната победа со 8:2 над Саудиска Арабија во 1999 година.
Овој дуел со нетрпение се очекуваше, не поради неизвесност, туку поради прашањето со колкава разлика „фуријата“ ќе ја совлада убедливо најлошата репрезентација-учесник на Купот на конфедерациите. Резултатот на крајот беше двоцифрен. Фернандо Торес даде четири погодоци притоа утна и пенал, Давид Виља даде три, Давид Силва два додека еднаш во листата на стрелци се запиша Хуан Мата.
Интересно Тахити беше екипата која доби неверојатна подршка од страна на бразилските навивачи. Од првата до последната секунда се аплаудираше на секој нивни добар потег, додека се исвиркуваше секоја акција на Шпанците. Тахити не успеа да и даде гол на светскиот и европски првак, а шансата за втор погодок на шампионатот ќе ја бара против Уругвај во последното коло од групната фаза.
Шпанците не го срушија личниот рекорд во највисока победа. Во книгата на рекорди на прво место останува нивната победа над Бугарија од 13:0 во 1933 година, а на второ место триумфот над Малта со 11:1 во 1983 година. Победата од 10:0 над Тахити е на третото место.
Уругвај ја совлада Нигерија со 2:1 во вториот меч од групата Б. Диего Форлан во 100. настап постигна гол за победа на репрезентацијата од Јужна Америка. Претходно за Уругвајците прецизно стрелаше Единсон Кавани, а за Нигерија Оби Микел.
Шпанија е сигурен полуфиналист, а второто место најверојатно ќе го освои Уругвај, кој не би требало да има проблеми со Тахити во последното коло. |