Се обеси затвореник во „Идризово“
Скопјанецот Адем Сулејмани (42) издржал осум од 12 години затвор поради трговија со дрога
Ново самоубиство во затворот „Идризово“. Четириесет и двегодишен затвореник се обеси за решетките од прозорецот во бањата, тврдат надлежните од Управата за извршување санкции при Министерството за правда. Затвореникот Адем Сулејмани од Скопје бил осуден на 12,5 години затвор поради трговија со дрога во Словачка. Издржал речиси 8 години од казната.
Како што тврдат од Управата, инцидентот се случил завчера попладне. Дежурниот надзорник, кој вршел контрола во објектот „Школо“, го пронашол Сулејмани во бањата додека се обидувал да си го одземе животот со бесење за решетките на прозорецот.
„Во моментот кога е пронајден, осудениот се' уште давал знаци на живот поради што веднаш е транспортиран во Ургентниот центар на клиниката во Скопје, каде што е направен безуспешен обид за реанимација“, велат од Управата.
Оттаму соопштуваат дека скопјанецот бил дијабетичар и бил под постојан лекарски надзор, но дека кај него не било забележано какво било отстапување од вообичаеното однесување. Сулејмани бил работно ангажиран во домскиот магацин.
Скопјанецот бил осуден од надлежниот суд во Братислава на 12,5 години затвор поради трговија со дрога. Казната почнал да ја издржува на 3 ноември 2002 година во Словачка, а во „Идризово“ бил трансфериран на 30 мај 2007 година.
Надлежните извршија увид, а околностите под кои дошло до смртта на 42-годишниот затвореник ќе ги утврдуваат Управата на затворот и надлежните државни органи. (Г.А.) |