Никола Бенедети ќе ја почне новата сезона на Филхармонија
Во сезоната 2010/11 година ќе настапат повеќе реномирани солистички и диригентски имиња од светот
Со настапот на виолинистката со италијанско потекло од Велика Британија, Никола Бенедети, а под диригентска палка на Јануш Пшибилски од Полска, вечерва Македонската филхармонија ќе ја отвори концертната сезона 2010/2011 година.
Никола Бенедети во Скопје ќе настапи со концерт за виолина и оркестар од Феликс Менделсон. Програмата во вториот дел ќе продолжи со симфонија од Расел.
Македонската филхармонија постои 65 години, а годинашнава концертна сезона е насловена „Без зборови“. Во сезоната 2010/11 година ќе настапат повеќе реномирани солистички и диригентски имиња од светот, придружувани од Македонската филхармонија, а ќе има повеќе концерти и за деца.
Повторно пред македонската публика на 11 ноември ќе настапи виолинистот Јосиф Иванов од Белгија, а диригент ќе биде Тоширо Јонезу од Јапонија. Во февруари 2011 година во Скопје ќе настапи и јапонската виолинистка Мајуко Камио. Ќе настапи и харфистот Емануел Сејсон од Франција. Во мај 2011 година, Сејсон ќе настапи заедно со првиот флејтист на Париската опера - Фредрик Шато, изведувајќи го Концертот за флејта, харфа и оркестар од Моцарт.
Норвешката трубачка Тине Тинг - Хелсет, која е веќе етаблирана на музичката сцена и е добитник на многу награди, во Скопје ќе настапи на 31 март 2011 година. Како солисти на пијано ќе се претстават реномираниот полски пијанист Пјотр Палечни и литванската пијанистка Муза Рубацкуте. Со интерпретацијата на Палечни на Концертот бр. 1 од Фредерик Шопен, ќе биде одбележана 200 годишнината од раѓањето на големиот композитор.
Оваа година ќе настапат и пијанистките Марија Ѓошевска и Нина Костова-Јаневска, саксофонистот Нинослав Димов, првиот хорнист на Македонската филхармонија Џијан Емин, а по подолга пауза од концертирањето во Македонија и виолинистот Ѓорѓи Димчевски, концерт мајстор на Симфонискиот и оперски оркестар во Валенсија.
На крајот на 2010 година ќе заврши чествувањето на Фредерик Шопен, а во април на програмата е целовечерен концерт со дела од Петар Илич Чајковски. Концертот насловен „Маѓепсникот љубов“ е со шпанска тематска определба, а „Рапсодијата во сино“ во февруари е само дел од концертот посветен на музиката од американски композитори. (К.Р.) |